Министерот за миграција на Грција смета дека државниот систем е подготвен во случај на влошување на состојбата на Блискиот исток


– Со оглед на тоа што во моментов нема процени за сеопфатен план на Европската унија за евакуација на Либан, немаме специјален план во случај на влошување на состојбата на Блискиот Исток, ниту пак мислам дека ќе биде потребно такво нешто, сметам дека нашиот систем е подготвен во рамките на нашите можности, истакна министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос во интервјуто за грчката телевизија „Action24“, јави дописничката на МИА од Атина.


Панајотопулос објасни дека капацитетот во центрите за прием на бегалци и мигранти низ цела Грција е околу 60 отсто, што не е случај на островите, особено оние во јужниот дел на Егејското море, каде што капацитетите се целосно исполнети.


За мигрантските бранови рече дека се зголемени споредбено со претходните години и според податоците што ги имаат, процените се дека до крајот на годината ќе бидат околу 50,000 пристигнувања на бегалци и мигранти за 2024 година.

-Зголемениот бран почна да се забележува од крајот на 2023 година и во текот на 2024 година имаме околу двојно повеќе од бројот на пристигнувања од сите правци во споредба со претходната година и затоа нашата процена е дека сега сме нешто под 40,000, околу 38 до 39 илјади и до крајот на годината веројатно ќе стигнеме до 50,000, објасни Панајотопулос.


Во однос на тоа од каде доаѓаат бегалците и мигрантите посочи дека се главно од азиски и африкански земји, а како што рече во Грција пристигнуваат, не за да останат, туку да стигнат до северна Европа.

ср/сд/ .


Извор: МИА