22/05/2025

Меморандум меѓу Украина и САД: Прв чекор кон договор за минерали


Украина и САД ставија потпис на меморандум, што претставува почетен чекор кон постигнување спогодба за експлоатација на украинските минерални богатства, соопшти Јулија Свириденко, прв вицепремиер и министер за економија на Украина.


“Среќни сме што можеме да го објавиме потпишувањето, со нашите американски партнери, на меморандум за намери, кој го отвора патот за договор за економско партнерство и формирање на инвестициски фонд за обнова на Украина,” напиша Свириденко на платформата Х.


Иако не објави повеќе детали, таа нагласи дека идната спогодба, за која се очекува да придонесе за економскиот развој на двете земји, ќе мора да биде ратификувана во украинскиот парламент. Потпишувањето на меморандумот следи по настојувањето на американскиот претседател Доналд Трамп за билатерален договор за минерали, како дел од неговите напори да стави крај на војната во Украина.

Трамп гледа на договорот и како начин за повраток на милијардите долари вредна помош, која Вашингтон и ја даде на Украина во војната со Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, од друга страна, изјави дека Украина нема намера да ја признае како заем воената помош од претходната американска администрација.


Соединетите држави ја намалија проценката на трошоците наменети за помош на Украина, од почетокот на руската инвазија во 2022 година, на околу 100 милијарди долари од 300 милијарди долари, објави Блумберг, наведувајќи извори кои се упатени во ситуацијата.

Спогодбата за минералните суровини, првично беше планирано да биде потпишана кон крајот на февруари во Белата куќа, но американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс и шефот на украинската држава Володимир Зеленски тогаш имаа жестока расправија и потпишувањето беше одложено. Минатиот месец, администрацијата на Трамп предложи нов, поширок договор за минерални суровини, кој на Украина не и дава никакви безбедносни гаранции, но бара сите приходи од експлоатација на природни ресурси од државни и приватни компании лоцирани на украинска територија да се влеваат во заеднички инвестициски фонд.