17/06/2025

Мексикански воен брод се судри со Бруклинскиот мост: Двајца загинати и 22 повредени.


Училиштен брод на мексиканската воена морнарица вчера удри во Бруклинскиот мост во Њујорк, при што, според зборовите на градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, животот го загубија најмалку две лица, објави ДПА.


Адамс изјави дека во моментот на несреќата на пловилото имало 277 лица, а 19 биле повредени. Од нив, двајца се наоѓаат во “критична состојба”, а двајца “за жал починаа од повредите”, напиша Адамс на X.


Воената морнарица објави дека бројот на повредени лица изнесува 22, од кои 19 се згрижени во болница, се вели во нивната објава на X, пренесена од германската агенција. Морнарицата додава дека никој од присутните на бродот не завршил во вода заради ударот во мостот. Пловилото „Куаутемок“ е оштетено во инцидентот, соопштија од воената морнарица.

Според полициските информации презентирани на прес-конференција, бродот бил во Њујорк во рамки на промотивна посета и бил на пат кон Исланд кога дошло до кобниот судир.


Началникот на полицијата, Вилсон Арамболес, изјави дека првичните сознанија за причината за судирот укажуваат на технички проблем. Градоначалникот Адамс рече дека бродот “ја изгубил моќноста”, што резултирало во судир со мостот, пренесе ДПА.

Полициската комесарка Џесика Тиш изјави дека е отворена детална истрага. Полицијата на Њујорк ги повика граѓаните да ја избегнуваат зоната во околината на мостот.


Непотврдени видео снимки објавени на социјалните мрежи го прикажуваат моментот кога бродот се судрил со мостот додека поминувал под него, предизвикувајќи кршење на јарболите на пловилото.

Бродот со три јарболи бил лансиран во 1982 година, неговата должина изнесува околу 90 метри, а висината на јарболот е приближно 48 метри.