23/05/2025

Меџити апелира до НВО да аплицираат на конкурсот за проекти за подобра животна средина


Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес одржа работна средба со претставници на невладини организации и здруженија на граѓани кои дејствуваат во сферата на животната средина. Тој ги информираше присутните за Јавниот повик за доделување на средства за финансирање и спроведување на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2025 година, објави Министерството за животна средина и просторно планирање.


За време на состанокот, Меџити ги повика претставниците на невладините организации да се пријават на конкурсот.


“Целта на оваа програма е да се поттикнат и финансираат конкретни проекти, активности и иницијативи кои ќе придонесат за заштита, унапредување и одржливо управување со нашата животна средина – нешто што е од суштинско значење за здравјето и благосостојбата на сите наши граѓани”, потенцираше Меџити, додавајќи дека НВО-ата имаат исклучително важна улога во подигнувањето на јавната свест, едукацијата и обуките поврзани со заштитата на животната средина.

Меџити информираше дека дел од овие финансиски средства се обезбедени од еколошката такса при регистрација на моторни возила, дел од надоместокот за био-разградливи кеси за пазарување, надоместокот кој го плаќаат операторите на инсталации со А – интегрирана еколошка дозвола и средства од други владини услуги, “што во пракса значи парите на граѓаните ги враќаме пак кај граѓаните.”


На средбата беше потенцирано дека транспарентноста и објективноста се темелот на пристапот на Министерството за животна средина и просторно планирање. Критериумите за невладините организации се да бидат регистрирани најмалку една година пред конкурсот, да дејствуваат во интерес на јавноста и да немаат поднесено ист проект за финансирање до други извори.

Крајниот рок за аплицирање е до 29 април, во соодветни обрасци и формулари, кои се достапни на официјалната веб-страница на Министерството.


Фото: МЖСПП.