Милијардерот и стопанственик Илон Маск денес првпат јавно проговори по донесувањето на буџетскиот закон на американскиот претседател Доналд Трамп, познат како „Еден голем прекрасен закон”, кој беше одобрен вчера во двата дома на Конгресот.
Маск, преку својата платформа Икс, повторно ја актуелизираше идејата за конституирање на трета политичка партија во САД, како алтернатива на Демократите и Републиканците.
“Денот на независноста е совршено време да се прашаме дали сакате независност од двопартискиот (некои би рекле еднопартиски) систем! Дали да ја создадеме Американската партија?”, напиша тој, приложувајќи интерактивна анкета кон објавата.
Маск смета дека двете водечки партии веќе не ги претставуваат интересите на она што го нарекува “80 проценти во средината” – проценка која, според него, ги вклучува умерените и независните гласачи кои не се наклонети кон екстремни политички ставови.
Идејата за нова партија се појави по јавната расправија со Трамп околу „Еден голем прекрасен закон”, кој предвидува постојано продолжување на даночните релаксации од 2017 година, зголемување на долгот за пет трилиони долари и дополнителни 3,3 трилиони долари на дефицитот, според независна анализа на Конгресниот буџетски комитет.
Законот, исто така, вклучува рестрикции на социјалните услуги, како Медикејд и програмата за помош со храна (SNAP), што предизвика негодување кај одредени републиканци и демократи, пренесува Ал Џезира.
Маск имплицитно ги повтори своите критики кон законот, реобјавувајќи го коментарот на сенаторот Ренд Пол дека законот ќе доведе до „експлозија на дефицитот за краток рок”, додавајќи емотикон со “100” за да ја искаже комплетната согласност. Тој претходно ја напушти советничката позиција во администрацијата на Трамп, изразувајќи незадоволство од зголемувањето на дефицитот.
По неговото заминување, Маск ги интензивираше критиките, тврдејќи дека законот е „одвратна спротивност” и дури сугерираше импичмент за Трамп, како и информации за врските на претседателот со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн, без да обезбеди докази (објавите подоцна беа избришани). Трамп, од друга страна, го обвини Маск за „лудо” однесување, поврзувајќи го со намалувањето на владините субвенции за електрични возила.
Маск, чие богатство од 361 милијарда долари според индексот на „Блумберг”, му дава финансиска моќ, предложи партијата да се вика “Американска партија” и планира да се фокусира на неколку клучни места во Сенатот и Претставничкиот дом со цел да влијае на тесните мнозинства.
Сепак, експертите предупредуваат дека трети партии ретко постигнуваат успех во двопартискиот систем на САД и можат да го фрагментираат гласачкото тело за посилни кандидати. Според истражувањето на „Галуп” од јануари 2025 година, 43 проценти од Американците се декларираат како независни, што претставува рекордна бројка, но процентот на умерени опадна на 34 отсто во 2024 година, што ја доведува во прашање проценката на Маск за „80 проценти во средината”.
Трамп се очекува да го потпише законот денес на специјална церемонија во Белата куќа. ссм/фото: принтскрин.