Breaking News

Маринакис: Оптимисти сме за денешната средба со земјоделците


– Оптимизам во пресрет на денешната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со претставници на земјоделците, изрази владиниот портпарол Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите.


Како што јави дописничката на МИА од Атина, Маринакис објасни дека нивниот оптимизам произлегува од тоа што, како што рече, земјоделците сфаќаат дека и покрај тешкотиите со кои се соочуваат, пред нив имаат Влада што прави  низа иницијативи за поддршка и не остана само на зборови.


  Паралелно го повтори ставот на грчкиот премиер дека „дијалогот не може да се одвива со затворени патишта“ и мора да постои слободен проток на граѓаните, а неговата процена е дека земјоделците нема да стигнат до степен да ги засилат блокадите.

 Дополнително, посочи дека внимателно ги проучиле барањата на земјоделците. -Мислам дека ќе има значаен дијалог и ќе бидете информирани за резултатите од дискусијата.


Факт е дека Владата и лично премиерот, ги слуша сите барања на општествените групи, ги слушаме внимателно, ги почитуваме напорите на грчките даночни обврзници, фискалните податоци и сакаме секогаш нашите одлуки да бидат во корист на сите општествени и професионални групи.

Сето ова може да се случи затоа што нашата економија е на друго, сосема друго ниво. Не е економија за која цела Европа и цел свет зборува од негативни причини, порача Маринакис.


 Денеска напладне грчкиот премиер ќе ја прими 15-члената комисија што ја формираа земјоделците, со претставници од цела Грција.

 Грчките земјоделци веќе три седмици протестираат со поставени над 55 блокови низ целата земја, повремено блокираат патишта, автопати и гранични премини, како што е случај со преминот Ники кон Северна Македонија, а по одржаниот состанок минатиот вторник побараа средба со Мицотакис и ги соопштија нивните барања за намалување на трошоците за производство.


 Бараат земјоделската нафта да биде ослободена од данок, намалување на цената на струјата на седум центи за киловатчас, субвенција за добиточна храна, 100 отсто надомест и оштета за загубениот приход од производите.

ср/ .

Извор: МИА