29/04/2025

Левица бара итна вонредна седница на Советот на Општина Ѓорче Петров за справување со токсичниот воздух


Деновиве воздухот во Општина Ѓорче Петров е квалификуван како многу лош поради екстремно високите концентрации на ПМ 2,5 честички, кои се опасни и предизвикуваат срцеви и белодробни заболувања.


Општината е на ова поле лидер во градски, па и државни рамки и како таква – ги преживува овие денови на шкрги заради немањето стратегија од страна на градоначалникот (којшто е доктор по професија) и неговиот тим.


Во време на зимски распуст децата кои за жал се најзастапени во пиар „стратегијата“ на градоначалникот Стојкоски – сега мораат да распустот да го поминат затворени по препорака дека не треба да излегуваат надвор поради токсичниот воздух.

Општината е уништена со бетонските зданија кои го блокираат природниот проток на воздухот. Ниту градежните инспектори, ниту пак инспекторите за животна средина, коишто историски немаат изречено ниту една глоба, ги нема на терен и не си ги извршуваат своите задачи. Општина Ѓорче Петров тоне во диви депонии и отпад којшто постојано се пали. Не се преземаат никакви мерки ниту во однос на Општина Сарај каде се пали разновиден отровен отпад, а чија реа ја дишат жителите во Општина Ѓорче Петров. Населението е претежно сиромашно и гледа на било каков начин да се справи со студот, па освен со дрва, во услови кога Општината не помага на ниту еден начин и нема предвидено никаква субвенција – се грее со секаков вид запаливи предмети.


На последната седница на која се изгласаа Програмите и Буџетот за 2023, за жал не се земаа предвид претходните укажувања и предлози на советниците од Левица. Оваа година, советниците од ДПМНЕ изгласаа исклучиво катастрофална Програма за чист воздух која е празна и не нуди буквално никакво ефективно решение и директни активности за справување со оваа животозагрозувачка состојба. Дополнително, во однос на животната средина со Буџетот за 2023 се предвидени енормни кратења.

Советниците од Левица гласаа ПРОТИВ оваа погубна програма на градоначалникот Стојкоски!


Со надеж дека ниту советниците од ДПМНЕ, ниту градоначалникот имаат резервни бели дробови – бараме свикување на вонредна седница на која ќе се изготви стратегија, ќе се преземат итни мерки за справување со токсичниот воздух во Општината и ќе се заштитат жителите.

Левица