Breaking News

Куманово го објави повикот за „Ноемвриската награда“


Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија од општина Куманово денеска ги повика кумановци да се пријават за општинската награда која се доделува по повод 11 Ноември, Денот на ослободување на Куманово.


– Општината Куманово и оваа година ќе ја додели традиционалната „Ноемвриска награда“, како израз на највисоко општествено признание што се доделува за посебни постигнувања во одделни области.


Според Одлуката, Ноемвриската награда се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници чие дело, односно резултати во работењето и делувањето претставуваат посебно остварување во областите на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период.

Делото, односно постигнувањата да бидат достапни на јавноста до 11 Октомври годинава, а авторот на делото да е жител на Општината Куманово, организацијата или заедницата да е од Општината Куманово, односно делото и постигнувањата да се тематски врзани за Општината Куманово, информираше претседателката на Комисијата, Невена Величковска Зиројевиќ.


Право на предлагање на кандидати за Ноемвриска награда на Општината Куманово имаат претпријатијата, установите, здруженијата, месните заедници, група граѓани и поединци.

Предлозите за доделување на Ноемвриската награда со образложение во писмена форма треба се достават до Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија, најдоцна до 31 октомври годинава.


ам/мд/Фото: МИА архива .

Извор: МИА