22/04/2025

Ковачевски – Зеленски: Северна Македонија ќе продолжи со воена и хуманитарна поддршка на Украина


Премиерот Димитар Ковачевски денеска во телефонски разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски ја пренесе поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина, соопшти владината прес-служба.


-Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија, истакнал премиерот Ковачевски.


Во разговорот станало збор и за досегашната помош и поддршка која Северна Македонија ја обезбедува за Украина. Претседателот Зеленски ја истакнал благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка. Северна Македонија, било нагласано на средбата, и како НАТО членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.

Особен фокус на разговорот бил развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, Ковачевски најавил дека ќе ја посети Улраина. сст/са/


2023-01-09 12:22:06, од Славица Стефановска
Скопје, 9 јануари 2023 (МИА) –