Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов предложил на менаџментот на комуналното претпријатие цената на водата за потрошен метар кубен да се намали од сегашните 33 денари на цена на техничка вода во износ од 7,85 денари за кубен метар.
Костадинов ова го соопшти на денешниот брифинг со новинарите и притоа истакна дека иако оваа одлука е храбра, сепак, е прилично тешка во овој период и, како што што рече, тој е должен да носи такви одлуки во интерес на граѓаните.
-Тоа што дополнително загрижува се анализите на „Комуналец“ Струмица и примероци се пуштени во Институтот за јавно здравје и очекуваме резултатите од Институтот да бидат објавени утре, како најрелевантна институција за анализа на водата, но нивото на манган кое го има во водата, која ја земаме од браната „Турија“, е 1,5 милиграми на еден литар, истакна струмичкиот градоначалник.
Додаде дека досега највисоко ниво на манган во литар вода од 1974 година до денес било 0,25 милиграми, а утрово во лаборатијата на „Комуналец“ се забележани 1,5 милиграми манган на еден литар вода на влезната техничка вода од браната „Турија“.
Според Костадинов, ова е време кога треба обединување и тој апелира до сите политички чинители да се вразумат, да се освестат и да се отрезнат од потребата за политичко поентирање бидејќи, како што вели, не се поентира на ова.
-Да седнеме како во една нормална држава и да разговараме кои се обврските што треба надлежните институции-АД „Водостопанство“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ги преземат и кои се возможни согласно нивните буџети за да превенираме дополнително загадување на водата.
Повторувам во прашање се 50 илјади граѓани на Општина Струмица и дел од населените места, потенцираше Костадинов.
Тој смета дека треба да се нотира дека ниту во Општина Василево не е питка водата, бидејќи и оваа општина се снабдува со вода од браната „Турија“.
Додаде дека и во другите општини-Босилово и Ново Село, исто така, водата не е добра за пиење.
-Затоа нема простор за политиканство, нема простор за дежурни експерти, туку има простор за вистински експерти. Такви експерти има „Комуналец“, такви експерти има државата и државните институции.
Таква институција е Центарот за јавно здравје Струмица, односно Институтот за јавно здравје во Скопје, таква институција се хемичарите во „Комуналец“. Апелирам да се престане со политика.
Во прашање е обезбедување на питка вода и сме на раб на природна катастрофа. Време е да седнеме на маса и да ги утврдиме фактите.
Да имаме конечни ставови, бројки и анализи што се случува со водата од браната „Турија“. Доволно се молевме на Бог да заврне дожд, смета Костадинов.
Инаку од утрово на повеќе локации во градот и населени места, како и во сите училишта и детски градински се поставени канистри со вода за пиење за граѓаните.
Струмица и шест населени места веќе петти ден се без вода за пиење, откако во петокот надлежните соопштија дека таа не може да се користи за пиење заради неможноста фабриката за вода да ја прочистува водата која доаѓа во системот од браната Турија и во неа има манган повеќе од дозволеното.
рт/мд/Фото: МИА .
Извор: МИА