27/04/2025

Конституиран новиот состав на ЕСС, за претседател избран министерот за економија Бесир Дурмиши


Економско-социјалниот совет на денешната конституивна седница ќе ги разгледа барањата на социјалните партнери по што се очекува да се донесат заеднички одлуки и мерки.


Ова во изјава за медиумите го истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по потпишувањето на спогодбата за основање на новиот Економско-социјален совет.


Економско-социјалниот совет е свикан денеска, а за претседател е именуван министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Од  Сојузот на синдикати на Македонија и од Организацијата на работодавачи на 1 октомври кога се одбележуваа 100 дена од работата на Владата изразија очекување дека наскоро ќе биде свикана седница на ЕСС.


 – Ќе ги слушнеме барањата и од синдикатите и од работодавачите, односно од сите засегнати страни и на крај ќе донесеме заеднички одлуки и мерки бидејќи сите страни имаме една цел, а тоа е подобрување на стандардот на нашите граѓани.

Ќе се разгледуваат сите барања кои ќе бидат поставени на денешната седница, потоа официјално ќе бидат дадени на Економско-социјалниот совет и на наредните седници се очекува да се разгледуваат и ќе се донесат заеднички одлуки, рече Дурмиши.


За Владата, како што посочи министерот, е од клучно значење транспарентниот социјален дијалог, најавувајќи дека сите одлуки, мерки и закони ќе се носат транспарентно, а во рамки на Економско-социјалниот совет ќе ги слушнат сите засегнати страни.

фф/бак/Фото: Принтскрин од видео .


Извор: МИА