Силниот ветер кој вчера ја зафати Битола предизвика значителни штети на повеќе локации во градот. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со екипите на јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола, излегоа на терен за итна интервенција и санација.
„Екипите дејствуваат координирано за расчистување на паднати дрвја, оштетени објекти и инфраструктура. Ќе останеме на терен се до целосно санирање на последиците и враќање на нормалното функционирање на градот,“ истакна Коњановски.
Првиот човек на општината апелираше до граѓаните да бидат внимателни, особено во близина на оштетените локации, и ги повика сите што имаат забележани штети да ги пријават до надлежните служби.
Покрај расчистувањето, екипите се фокусираат и на обезбедување на критичните точки за да се спречи дополнителна штета. Граѓаните изразија благодарност за брзата реакција на локалната самоуправа и јавните претпријатија.
Според информациите, акцијата за расчистување ќе продолжи и во наредните часови, се додека не се санираат сите локации погодени од временските неприлики.