Високата претставничка за надворешна политика, Каја Калас, објави дека Европската Унија подготвува спогодба во вредност од 5,5 милиони евра со Европската фондација за демократија, со цел да ја поткрепи работата на Радио Слободна Европа.
“Тоа е краткотрајно, итно финансирање наменето за безбедносната мрежа на независното новинарство”, истакна Калас по синоќешната средба на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Брисел донесе одлука да му асистира на Радио Слободна Европа, откако владата на американскиот претседател Доналд Трамп ги укина дотациите за продемократските медиуми, обвинувајќи ги дека поттикнуваат либерално пристрасна агенда.
Калас потенцираше дека ЕУ не е во можност да го надомести дефицитот во финансирањето на радиото во светски рамки, но дека сака да му помогне на медиумот “да работи и да функционира во оние земји што се во соседството (на ЕУ) и кои во голема мера зависат од вести што доаѓаат однадвор”.
Централата на Радио Слободна Европа е лоцирана во Вашингтон, додека новинарското седиште е во Чешка.