Јавното претпријатие за комунално – производни и услужни дејности „Исар“ Штип се наоѓа во ситуација на 60 отсто загуба на произведената вода, недостаток од лиценца за депонирање и обработка на отпадот, како и задоцнување во исплатата на 25,2 милиони денари според договор со Министерството за финансии. Со ова, претпријатието е исправено пред значајни предизвици кои можат да имаат сериозни импликации за неговото работење и животната средина, соопшти денес Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на усогласеност на ЈП „Исар“ – Штип за 2023 година.
Ревизорите забележале пропусти и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и изразиле негативно мислење за веродостојноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, насоки и утврдени политики.
„Од вкупните побарувања во износ од 196,447 илјади денари, искажани на 31.12.2023 година, 75 отсто се по основ на продажба на вода, а останатите 25 проценти се побарувања за јавна чистота, паркови и зелени површини, изградба и реконструкција на водоводни и канализациони линии и продажба на гробни места“, соопшти ДЗР.
Од ДЗР истакнуваат дека ревизијата покажала дека старосната структура на побарувањата, од кои 28,2 отсто се со старост до и над 10 години и изнесуваат 55,443 илјади денари, укажува на нивна ненавремена наплата.
Според ревизорскиот извештај, не е извршена процена на наплатливост на побарувањата на крајот на секој извештаен период и соодветен акт за постапување, иако постои голем ризик тужените побарувањата кои се постари од 10 години, во износ од 24,624 илјади денари да не се наплатат.
„Завршените градби од 2019 година, кои се однесуваат на изградба и реконструкција на примарна и секундарна водоводна и канализациона мрежа во вкупен износ од 20,279 илјади денари, за кои општината како инвеститор нема обезбедена целосна документација, сметководствено се водат како инвестиции во тек, иако истите се во употреба“, се додава во соопштението.
Од ДЗР потенцираат дека од наплатениот надоместок од корисниците на услуги за одржување на јавна чистота во износ од 13,707 илјади денари, ЈП „Исар“ Штип уплатило 3,287 илјади денари, односно 24 отсто на сметка на општината, со што остварени се помалку приходи во Буџетот на Општина Штип наменети за реализација на програмата за одржување на јавната чистота.
Ревизијата открила неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите. Според Колективниот договор на ниво на работодавач, за секоја помината година работен стаж на работникот му се исплатува додаток на основната плата во висина од 1 отсто, но не повеќе од 20 проценти за целокупниот работен стаж, наместо 0,5 отсто за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20 проценти, како што е предвидено со законските одредби и Општиот колективен договор за јавниот сектор.
ЈП „Исар“ Штип, како што е наведено во соопштението, не поседува дозвола за вршење на дејност депонирање и третман на отпадот издадена од МЖСПП, не врши мерење на изнесениот отпад, нема воспоставено евиденција и не доставува консолидиран извештај до стручниот орган.
Според ревизорскиот извештај депонија „Трештена скала“ не е оградена, нема струја, вода ниту физичко обезбедување, каде неконтролирано се изнесува отпад, поради што често истата е извор на запалување и пожари, односно загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето.
Ревизијата утврдила значително отстапување на количината на приходуваната вода во однос на произведената, односно 60% загуба на вода, што влијае на помалку остварени приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода, кои претставуваат приходи на државата.
„Јавното претпријатие „Исар“ – Штип полива зелени површини со произведена вода од фабриката за пречистување на вода, односно 204,400 м² јавни зелени површини на 16 локации со регистрирани 39 потрошувачки места, како и јавни тоалети, но без поставени протокомери. Понатаму, поради неисправни водомери и нивно отсуство во одредени населени места и јавни простори, дури 11% од правните лица и 5% од физичките лица плаќаат вода паушално, наместо според реалната потрошувачка“, се наведува во соопштението.
Според ревизорскиот извештај, ЈП „Исар“ Штип доцни во исполнување на месечните обврски за износ од 25,227 илјади денари според спогодба со МФ и утврден динамичен план, за репрограмираниот долг по основ на искористен кредит во денарска противвредност од 2,6 милиони евра на МЕАП програмата за 2000 година.
Исто така, претпријатието има искажано обврски во износ од 16,797 илјади денари по основ на примени средства во 2005 и 2006 година од Општина Штип од сметката на средства од месниот самопридонес, за изградбата на резервоари за водоснабдување на град Штип, кои се потрошени за тековно оперативни расходи, со што останува обврската истите да ги врати.
За надминување на констатираните состојби, ревизорите дале препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.