17/06/2025

Јавна трибина за одговорно управување со био-отпадот со граѓаните на општина Ѓорче Петров


Во Културниот центар на општина Ѓорче Петров, ќе се одржи јавна трибина/средба со жителите на тема: „Одговорно управување со био-отпадот – чекор поблиску до циркуларна економија“.


Главната цел на оваа трибина е да се иницира јавна дискусија за актуелната состојба и проблемите со кои се соочува општината во однос на менаџирањето на био-отпадот од домаќинствата, како и да се разгледаат предизвиците поврзани со третманот на овој тип отпад.


“Во моментов, био-отпадот од домаќинствата претежно завршува со останатиот комунален отпад на депонијата Дрисла, вршејќи дополнителен притисок врз животната средина и претставува пропуштена можност за негово валоризирање преку компостирање, производство на биогас или други форми на циркуларна економија”, велат организаторите на настанот.

Од општината Ѓорче Петров, додаваат дека имаат јасно поставен систем за собирање отпад, но сè уште не се воспоставени мерки за селектирање на отпадот на ниво на домаќинства, што претставува предизвик, но и шанса за остварување економска и еколошка корист која ќе произлезе од институционалната соработка и посветеноста на граѓаните.


Во оваа насока, овој настан овозможува вклучување на сите граѓани кои сакаат да партиципираат во идните решенија за поодговорно, поеколошко и поефикасно управување со био-отпадот во општина Ѓорче Петров.

На трибината свое обраќање ќе имаат Александар Стојкоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров и Кирил Ристовски, претседател на ЗГ ФЛОРОЗОН, а презентации и излагања ќе има на темите „Предизвици и идни планови во управувањето со био-отпадот – Сектор за комунални работи при општина Ѓорче Петров“, „Социјалното претприемништво како успешен модел за валоризација на био-отпадот – Социјално претпријатие РЕДИ“, како и „Управување со отпадот и позитивните социјални аспекти за ранливите групи – Здружение на граѓани ПОРАКА“.


Во завршниот дел од трибината, планирана е отворена дискусија со публиката, каде сите заинтересирани ќе имаат можност да ги споделат своите искуства, прашања и предлози за надминување на постоечките проблеми.

Овој настан е дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ кој го спроведува Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со здруженијата ФЛОРОЗОН и Еко Логик од Скопје. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.