Во рамките на процесот на дигитална преобразба на образовниот систем, вклучувањето на вештачката интелигенција (ВИ) претставува нареден, природен чекор кој значително ќе го подобри квалитетот, делотворноста и инклузивноста на образованието во нашата држава.
“Внимателно планираме и преку стратешки пристап постепено ќе ја имплементираме оваа технолошка иновација во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.”
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржува во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.
“Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го надополни и унапреди, создавајќи услови за персонализирано учење кое ќе одговори на индивидуалните потреби на секој ученик, студент и наставник. Оваа технологија треба да ни овозможи да создадеме образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум, независно од неговите почетни способности или социо-економски услови,” рече Јаневска.
Министерката укажа дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најважен чекор. Децата, додаде таа, прво треба да стекнат базично поимање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и треба да се фокусираат на нејзиниот етички аспект.
“Учениците мора да научат да бидат критички кон информациите кои ги добиваат од ВИ системите. Треба да бидат свесни дека вештачката интелигенција може да прави грешки и да има пристрасности и затоа податоците и изворите мора да споредуваат. Во таа насока, улогата на наставникот е клучна и тој треба да ги води учениците низ процесот на критичко размислување и етичка употреба на оваа технологија,” потенцираше Јаневска.
Таа информираше дека работна група на Министерството за образование и наука со професори од факултети по информатика, работи на изготвување на документ со насоки и посебни препораки за наставниците и учениците за примена на генеративна вештачка интелигенција во процесот на образованието.
Министерството за образование и наука во изминатиот период посветено работеше на дигитализација на образовната област. Јаневска посочи дека најголем дел од услугите кои ги нуди образовниот систем, како запишување на ученици во основно и средно училиште, признавање на дипломи стекнати во странство, доделување на ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови и аплицирање на конкурси од областа на науката се дигитализирани.
Воспоставен е систем за учење на далечина, а етапно се воведуваат и дигитални интерактивни учебници. Училиштата се снабдуваат со современа ИТ опрема за безбеден интернет и креативна настава, а наставниците посетуваат обуки за да одговорат на дигиталните предизвици.
Меѓународниот самит за образовни технологии се организира по шести пат. Оваа година над 100 учесници – креатори на образовни политики од повеќе земји, претставници на образовни институции, глобални техничко – технолошки компании и технолошки паркови се фокусираат на обликување на иднината на образованието преку примена на вештачката интелигенција. На повеќе од 50 сесии се дискутира за трансформативната моќ на дигиталните иновации во образованието и се разменуваат искуства поврзани со креирање стратегии за интегрирање на технологијата во образовните системи.
вј/ац/Фото: МОН .