10/07/2025

Исплатени субвенции од над 340 милиони денари за обележани грла говеда


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави дека денес се извршени исплати во износ од 341.536.000 денари на 4.144 земјоделци, наменети за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци. Оваа исплата е дел од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.


„Се реализираше исплатата на подмерка 2.2 Дополнителни директни плаќања од подмерки 2.1, 2.4 и 2.5 за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година“, наведува МЗШВ.


Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои веќе ги исполнуваат условите за подмерката 2.1 од Уредбата за 2024 година. Исто така, корисници се и оние кои своето производство на млеко го имаат доставено на регистриран откупувач на сурово млеко како корисници на подмерката 2.4 од Уредбата за 2024 година.

Дополнително, право на оваа поддршка имаат и земјоделците кои продале или заклале говеда во преработувачки капацитети кои се заведени во Регистарот на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло, како корисници на подмерката 2.5 од Уредбата за 2024 година.