29/04/2025

Интервју со Невена Смилевска, Координатор за праведна транзиција за Западен Балкан, CEE Bankwatch Network: Потребно е да ја поттикнеме енергетската транзиција на домаќинствата за да се намали енергетската сиромаштија


Невена Смилевска е Координатор за праведна транзиција за Западен Балкан во CEE Bankwatch Network, мрежа од 15 организации од Централна и источна Европа со главниот фокус на активностите на меѓународните финансиски институции и спречување на негативните влијанија од истите по животната средина и луѓето. Енергетската транзиција и енергетската сиромаштија се прашањата што најмногу ја засегаат нашата држава и на таа тема разговараме со Смилевска.  


  • Колку е РСМ подготвена како држава да осигура дека енергетската транзиција ќе биде праведна за сите?

Прашањето овде повеќе е дали имаме друг избор, затоа што ако сакаме да осигураме дека ќе имаме енергетска безбедност, т.е. дека ќе има доволно енергија за сите тогаш единствениот избор кој можеме да го направиме е да се пренасочиме кон новите обновливи извори на енергија (сонце и ветер, комбинирани со мали капацитети за складирање на енергијата). Ваквите мерки мора да бидат придружени со мерки кои истовремено ќе овозможат развој на регионите кои во моментов се зависни од искористувањето на јаглен (лигнит), како што се Битолскиот и Кичевскиот регион. Најдобра пракса за ова е паралелно да се развиваат повеќе различни економски гранки кои ќе овозможат диверзификација на економскиот развој. Производството на сончева електрична енергија на локацијата каде сега се наоѓаат рудниците секако е добра опција, а некои од другите можности се поврзани со производство на храна, одржлив туризам, но и воведување на концептот на циркуларна економија прво во овие региони како тест региони, а потоа и проширување на целата држава. Кога велиме дека енергетската транзиција мора истовремено да биде и праведна, тоа значи дека мора да се осигура дека регионите кои ќе бидат засегнати со преминот кон обновливи извори на енергија ќе имаат можност и понатаму да се развиваат, најмалку на исто ниво како досегашното, иако во сосем поинакви сектори и со сосем поинакви работни места од она на што граѓаните се навикнати во моментов. Ваквите работни места ќе треба да работат во насока на одржливост и да бидат во согласност со животната средина и благосостојбата на луѓето.


  • Ќе успее ли овој долгоочекуван процес на енергетска транзиција и колку години се потребни за граѓаните да ги осетат првите видливи резултати?

Првите видливи резултати ќе се забележат веднаш штом се поедностави и финансиски поддржи поставувањето на кровни сончеви панели за домаќинствата. Голем придонес во забрзувањето на видливите ефекти ќе даде и олеснувањето на нивното поврзување на дистрибутивната мрежа, но и поддржувањето на системи за одржливо загревање на домаќинствата. Со ова граѓаните ќе имаат поголема слобода во производството на електрична и топлинска енергија, истовремено намалувајќи ја зависноста од огревно дрво или природен гас бидејќи тие придонесуваат кон загадувањето на воздухот, зголемувањето на енергетската сиромаштија и негативно влијаат на климатските промени. Дополнително, користењето на природниот гас бара многу големи инвестиции од државата и од домаќинствата кои нема да можат да се исплатат, а има и политички импликации за кои доста се зборува во изминатиов период.

  • Имате ли изработено истражувања и анализи за тоа колку граѓани во Македонија се погодени од енергетската сиромаштија?

Бројот на граѓани погодени од енергетската сиромаштија е неблагодарно да се пресметува затоа што проблемот на енергетската сиромаштија е мошне тешко да се дефинира. Направени се неколку истражувања кои укажуваат на некои мерки кои можат да се преземат за да им се помогне на сите граѓани, не само на оние кои се засегнати со енергетската сиромаштија. На пример, енергетската независност на домаќинствата спомената погоре секако ќе помогне во надминувањето на дел од проблемот, иако нема да го реши. Една од последните студии кои CEE Bankwatch и Еко-свест ги изработија во соработка со експертот Вања Џинлев е анализата на алтернативите за централното греење базирано на јаглен во Битолскиот регион. Оваа анализа јасно покажува дека наместо да се инвестира во масивен систем за централно греење во Битола, многу поисплатлив и поефикасен начин за греење е комбинирањето на сончеви панели со инвертер клими на ниво на индивидуално домаќинство, или со здружување ан неколку домаќинства во енергетски заедници. Доколку општината е заинтересирана да поддржи ваков пилот проект, од една страна ќе биде лидер во регионот, од друга страна ќе им овозможи на своите граѓани еколошко греење кое истовремено ќе ја намали енергетската сиромаштија. Секако, има и други анализи поврзани со енергетската сиромаштија и со можностите кои енергетската транзиција ги отвара. Меѓу нив се анализи за потенцијалите на Кичевскиот и Битолскиот регион за поставување на кровни фотоволтаици, за можностите на Кичевскиот регион за алтернативен туризам, за можностите на одредени микролокации, како што е селото Белица во Кичевскиот регион. Исто така, Еко-свест во соработка со Македонската Академија на Науките и Уметностите работи и на т.н. паметно енергетско планирање каде се разгледува концептот на искористување на деградираното земјиште во Македонија за енергетски потреби, наместо да се користи земјиште кое може да се искористи и за производство на храна. Како што се гледа, има многу опции, но треба да има волја и од институциите и од граѓаните за промена на начинот на кој ја користиме и произведуваме енергијата.


  • Кои мерки ги предлагате за успешен премин на граѓаните кон користење на енергија од обновливи извори?

Мерките поврзани со преминот кон обновливи извори на енергија треба да бидат насочени кон сите граѓани, со тоа што постојат различни ставови кои граѓани имаат предност во овие мерки. Еден од можните пристапи е во првиот период, мерките да се насочат кон граѓаните со средни приходи со цел забрзано да се зголеми инсталираниот капацитет на кровни фотоволтаици преку помагање на граѓаните кои би сакале и имаат техничка можност да постават кровни фотоволтаици, но им е потребна финансиска поддршка за да го направат тоа. Фондот за енергетска ефикасност за кој се зборува веќе многу долго време, но сеуште не е достапен, исто така би можел да биде една од алатките со кои транзицијата би можела да се помогне. Доколку сакаме истовремено да ја адресираме и енергетската транзиција кај домаќинствата и енергетската ефикасност, но и енергетската сиромаштија, овозможување на различни линии за поддршка во рамките на овој фонд може да биде едно од решенијата, иако во ниеден случај не може да се решат сите прашања само со еден инструмент. Дополнително, на подолг рок е неопходен систематски и комбиниран пристап и во енергетското и просторното планирање кој ќе овозможи локациите каде земјиштето е веќе деградирано да се искористат за енергетски проекти. Секако, ова е само мал дел од можните решенија, во претходно споменатите студии има наведено многу повеќе и подетални решенија.

  • Кои се според вас клучните фактори во зголемениот процент на енергетска сиромаштија во нашата земја?

Енергетската сиромаштија е поврзана со многу фактори, и внатрешни – директно поврзани со домот, и надворешни, поврзани со системот во кој тој функционира. Внатрешните фактори ги вклучуваат поставеноста на домот, начинот на градба и употребените материјали, енергетската ефикасност, изборот на греење и ладење во домаќинството, енергетската ефикасност на уредите, но и приходите на домаќинството, евентуалните зголемени потреби за енергија (на пример кај семејства со мали деца), сопственоста на домот и многу други фактори. Надворешните фактори пак се поврзани, но не и ограничени на цените на енергијата, нејзината достапност, нивото на општа сиромаштија во земјата, политиките поврзани со енергијата.


  • Дали имате соработка со владините институции по овие прашања?

Секогаш има простор за подобрување на соработката со институциите. Некои од институциите се навистина отворени за соработка и за одредени прашања работат во партнерство со граѓанските организации, но други, пак, учеството на јавноста во донесувањето на одлуки сè уште го спроведуваат само според законскиот минимум, наместо според најдобрите достапни пракси. За жал, често се соочуваме и со ситуации кога учеството на јавноста е ограничено или спроведено про-форма (несуштинско). Еден од последните примери е неспроведувањето на јавни консултации на национално ниво за студиите поврзани со влијанијата врз животната средина од гасоводот Грција- Македонија, каде поради пандемијата беа спроведени само онлајн консултации, но само на локално ниво, иако станува збор за проект од национален интерес. Простор за подобрување има, но треба да има и волја да страна на институциите за соодветно информирање и учество на јавноста.