17/06/2025

Грција на второ место во светот со 623 плажи наградени со „Сино знаме“


Грција забележа голем успех, со 623 плажи, 17 марини и 17 туристички јахти кои ја добија престижната меѓународна награда за квалитет „Сино знаме“ оваа година. Ова достигнување и овозможи на Грција да ја задржи втората позиција помеѓу 52 земји ширум светот, во однос на бројот на „Сини знамиња“ за извонредност во квалитетот на водата за пливање, еколошката заштита, организацијата и безбедноста на посетителите, пренесе дописникот на МИА од Атина.


Грчкото друштво за заштита на природата, кое исто така е и организација која раководи со меѓународната програма „Сино знаме“, објави дека во Грција постојано се зголемува бројот на наградени локации, а оваа година признанијата надминуваат 600.


Од вкупно 52 земји кои учествуваат во програмата, Грција се истакнува со 15 проценти од наградените плажи.

Регионот Крит останува на врвот меѓу регионите со импресивни 153 знамиња, додека Халкидики е водечка префектура во Грција со 93 знамиња.


Во програмата можат да учествуваат организирани плажи, марини и јахти, а за да се добие признанието потребно е да се исполнат строги критериуми кои се однесуваат на квалитетот на водата, безбедноста на посетителите, квалитетот на услугите, заштитата на животната средина и друго.

Оваа година, Меѓународниот комитет додели вкупно 4.302 плажи, 736 марини и 158 туристички јахти од целиот свет. Според бројот на награди, Шпанија е на првото место, следена од Грција на второто и Турција на третото место. ср/сд/ .