Breaking News

Градоначалникот на Тетово во посета на општини во Турција со фокус на проекти за инфраструктура


Повеќе прашања од заеднички интерес за подобрување на услугите и инфраструктурните проекти во двете земји биле во фокусот на средбата помеѓу градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами со Унијата на турските општини во светот, информираат денеска од Канцеларија за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово.


 – Во рамките на оваа средба, градоначалникот Касами ја истакна посветеноста на Општина Тетово за зајакнување на односите меѓу локалните институции и за искористување на успешните искуства и практики на Унијата на турските општини.


Двете страни разговараа и за идните активности на Унијата во повеќе различни земји, меѓу кои и Тетово, со фокус на проекти кои имаат за цел развој на заедниците преку градење на инфраструктура и подобрување на јавните услуги, соопштија од Општина Тетово.

Оттаму посочуваат дека оваа посета ја нагласува посветеноста на Општина Тетово за зголемување на нејзините капацитети и подобрување на квалитетот на живот на нејзините граѓани преку меѓународна соработка.


– Општина Тетово продолжува да гради мостови на пријателство и соработка со меѓународни партнери, со цел да обезбеди одржливи решенија и нови проекти за нашите граѓани, се вели во дописот на Општина Тетово.

ас/ар/Фото: Општина Тетово  .


Извор: МИА