Сите училишта, детски градинки, државни институции, културни центри и спортски објекти во земјата се безбедни.
Оваа констатација е резултат на извршените вонредни инспекциски надзори во кои партиципираа и инспектори од централната власт, извести претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по денешната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.
Во согласност со законските прописи, додаде Ѓорѓиевски, општините немаат овластување да ја испитуваат исправноста на противпожарните апарати во училиштата. Но, таква надлежност имаат инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување, кои беа вклучени во инспекциите заедно со општинските инспектори.
Според неговите зборови, инспекции се реализирани во преку 90 проценти од училиштата и градинките во државата, а во останатите објекти во моментов се спроведуваат контроли кои наскоро ќе бидат комплетирани. Тој исто така најави дека инспекциите ќе продолжат и во иднина.
Ѓорѓиевски истакна дека ЗЕЛС денес даде насока до општините да извршат и ригорозни проверки во сите станбени објекти, а на детални контроли да подлежат и сите елементи на урбаната опрема поставени во општините. “Во наредниот период практично секаде ќе има инспектори на терен. Заклучивме дека во одредени општини недостасуваат инспекторски служби.”
“Сето тоа ќе биде надополнето со взаемна координација во наредниот период, односно со спроведување на меѓуопштинска соработка помеѓу две или три општини со цел и последниот објект во државата да биде проверен и да биде безбеден”, рече Ѓорѓиевски по седницата на УО на ЗЕЛС.
Тој апелираше граѓаните да имаат доверба во институциите и локалната самоуправа, а на општините им препорача да ги одложат сите јавни настани планирани за овој период или да најдат соодветен начин за нивно прилагодување, како и да засадат дрвја во спомен на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На прашањето што и кој контролирал и зошто се чекало досега, Ѓорѓиевски одговори дека вакви проверки биле вршени и претходната година, но јавноста не била информирана за видот и обемот на контролите. “Никој градоначалник не би дозволил децата да одат во градинките и во училиштата без да бидат контролирани и да бидат оставени туку така да ги посетуваат.” Во мојата општина пред нова година беа извршени инспекции во сите осум училишта за што се направени записници. Во најголем дел од случаите во нив учествуваа и сите останати инспекции”, додаде тој.
Во врска со потребата од законски измени за контролите, Ѓорѓиевски изрази мислење дека законите се недоволно прецизни и дека во иднина треба да се работи на нивно подобрување. “Денеска се формираше Работна група која ќе работи на унифицирана програма и правилник за поставување на урбана опрема која ќе биде еднаква во сите општини. Ако утврдат дека е потребна и законска интервенција за да бидеме унифицирани на републичко ниво ќе го побараме и тоа”, потенцираше Ѓорѓиевски.
Тој оцени дека генерално најголемиот проблем во земјата е урбаната опрема на кафетериите. “Во многу од контролираните угостителски објекти се затекнати неправилности, на многу места е укажано на тие неправилности. Даден е рок за нивно отстранување. Сметам дека треба да им оставиме еден месец за да и отстранат неправилностите. Некаде веќе е постапувано како во општина Центар”, рече Ѓорѓиевски.
Тој порача дека секоја општина мора да има доволен број на инспектори и нагласи дека во претстојниот период ќе се вршат притисоци врз Министерството за финансии за добивање согласности за вработување инспектори во сите општини каде што тие недостасуваат. “Мора секоја општина да биде подготвена да се справи со секој предизвик и затоа централните институции ќе мора да ни подадат рака во наредниот период. Недостасуваат најмалку 40 градежни инспектори за нормално да се функционира”, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека инспекторите за домување ќе им дадат препораки на управителите на станбените згради да ги спроведат забелешките утврдени од инспекцијата, особено во однос на хидрантите.
вј/ац/Фото: МИА.
Извор: МИА