Зголемената побарувачка за минерали, во текот на глобалната посветеност на технологиите за обновлива енергија, ги засилува опасностите од криминал, корупција и нестабилност, се наведува во анализа на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ) објавена вчера.
“Побарувачката за минерали потребни за технологиите за обновлива енергија расте и ќе продолжи да расте”, се вели во извештајот, цитирајќи процени на Меѓународната агенција за енергија дека побарувачката за метали и минерали може да се удвои до 2030 година и тројно да се зголеми до 2050 година.
УНОДЦ објави дека организираните криминални групи насекаде во светот се “вклучени во илегални рударски активности”, при што некои групи – на пример во Јужна Америка – се прошируваат во “илегално рударство покрај други илегални активности”, а други групи – на пример во делови од Африка – се свртуваат исклучиво кон илегално рударство.
“Особено во случајот со златото, овие актери најверојатно се привлечени од високите профити, а во некои случаи, од согледаните пониски ризици поврзани со криминалот со минерали во споредба со другите злосторства”, се вели во извештајот.
Истражувањето исто така нагласува како присуството на криминални групи во рударството “го зголемува насилството, корупцијата и деградацијата на животната средина, додека ранливите популации ги изложува на експлоатација и злоупотреба на човековите права”.
Ангела Ме од УНОДЦ повика на “поглобално усогласено законодавство и стандарди”, како и подобри податоци за “брзо откривање и одговор на криминална експлоатација во рударскиот сектор”.
“Длабинската анализа и следењето на критичните минерали се од суштинско значење, заедно со насочени мерки за спроведување на законот за да се обезбеди сигурност на синџирите на снабдување со критични минерали”, рече Ме.
Минералите како бакар, литиум и кобалт се клучни за компонентите на батериите, додека елементите на ретки минерали се неопходни за перманентни магнети кои се користат во турбините на ветер и моторите на електричните возила.
јт/Фото: УНОДЦ .