Германската полиција регистрирала помалку нелегални гранични премини откако беа воведени постојани проверки


Германската полиција извести дека илегалните преминувања на границите се намалиле за 13 отсто во првите три недели од воведувањето на постојаните гранични проверки, јави ДПА, повикувајќи се на официјалните прелиминарни податоци објавени денеска.


Намалувањето е пресметано според бројот на илегални преминувања во трите недели пред воведувањето на проверките.


Во периодот од 16 септември до 6 октомври полицијата регистрирала вкупно 3,464 обиди на странци да влезат без дозвола преку германските копнени граници. Од нив, 2,073 биле вратени на самата граница.

Во периодот од 26 август до 15 септември регистрирани биле 3,984 нелегални влезови, а вратени се вкупно 2,353 лица.


Овие податоци се објавени по парламентарна истрага на претставник на крајно левичарската партија „Левица“.

Федералната полиција од 16 септември ги проверува границите на Германија со Франција, Луксембург, Белгија, Холандија и Данска.


Случајни гранични проверки со Полска, Чешка и Швајцарија се спроведуваат од средината на октомври минатата година, а вакви проверки на границата со Австрија се вршат од есента 2015 година.

сд/фото:МИА архива .


Извор: МИА