Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, предводи парламентарна делегација во дводневна официјална посета на Стокхолм.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши ќе биде во посета на Шведска на покана на претседателот на Парламентот на Кралството Шведска, Андреас Норлеан.
Во состав на делегацијата се и пратениците Дафина Стојаноска, Беким Сали и Митко Трајчулески.
Покрај средба со спикерот на шведскиот Риксдаг, Гаши и пратениците ќе остварат средби и со членовите на комисиите за надворешна политика и европски прашања и со високи претставници на министерствата за европски прашања, за надворешни работи и за одбрана.
Според агендата, се предвидува и аудиенција кај кралот на Шведска, Карл Шеснаесетти Густав. Посетата на Кралството Шведска е прва на високо ниво по парламентарните избори одржани во мај оваа година.
фф/бак/Фото: МИА Архива .
Извор: МИА