18/04/2025

Фудбалерот Тоше Манов го доби признанието за најдобар спортист на Кочани во 2022 година


Признанието Најдобар спортист на Кочани за 2022 година го доби капитенот на ГФК „Осогово“, Тоше Манов, кој во есенскиот дел од првенството на третата фудбалска лига беше најдобар голгетер и е меѓу најзаслужните за лидерската позиција на својот тим.


Изборот на најдобрите спортисти го организираше Општина Кочани, а плакетата на Манов му ја додели градоначалникот Љупчо Папазов.


– Ова признание за мене е дополнителна мотивација да продолжам со добрите настапи во „Осогово“, и понатаму да ги радуваме љубителите на фудбалот и да го вратиме клубот во повисок ранг на натпреварување, каде што му е местото. Очекуваме во претстојната пролетна сезона да прикажеме уште подобра игра, да го задржиме првото место на табелата и да го вратиме „Осогово“ во Втората лига, истакна Манов.

Во изборот на најдобар спортист за минатата година признанија добија и каратистот Филип Стојанов, шахистката Јована Давиткова, гимнастичарот Мартин Андонов, каратистката Наталија Карова и фудбалерката Симона Веселинова.


За спортска личност на годината е избран фудбалерот Јован Манев, поранешен член на ГФК „Осогово“, кој имаше трансфер во турскиот фудбалски клуб „Адана спорт“, а наградата за најдобра спортска екипа му припадна на пингпонгарскиот клуб „Кочани“.

Најдобар тренер е Оливер Јовановски од ЖФК „Кочани“, а Бранко Богатинов од ГФК „Осогово“ го доби признанието за спортски работник. Плакета за придонес во спортот доби и Здружението на граѓани „Никола Мантов“ кое во изминатиот период повеќепати обезбедуваше спортска опрема за фудбалерите и помогна во уредувањето и опремувањето на просторија за кондициски подготовки во рамки на стадионот во Кочани.


Во категоријата Млади надежни спортисти на Кочани за 2022 година, без рангирање, признанија добија сите 14 предложени кандидати. та/ир

Кочани, 1 февруари 2023 (МИА)