Франција бара итна седница на СБ на ОН заради воената операција на Азербејџан во Нагорно Карабах


Франција денеска најостро го осуди Азербејџан за почнувањето воена операција во енклавата Нагорно-Карабах и побара итно свикување седница на Советот за безбедност на ОН.


„Ниту еден изговор не може да оправда таква еднострана акција што им се заканува на илјадници цивили веќе погодени од повеќемесечната нелегална блокада и е спротивно на напорите на меѓународната заедница да се постигне решение преку преговори“, се наведува во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.


Баку е повикан веднаш да ја прекине офанзивата и да се врати на почитувањето на меѓународното право.

Азербејџан денеска соопшти дека почнал „антитерористички операции“ против ерменските сили во Нагорно Карабах, спорна територија меѓу двете земји.


Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека операцијата „со помош на високопрецизно оружје“ почнала неколку часа по смртта на четворица војници и двајца цивили во експлозија на мина во Нагорно-Карабах, една од најминираните области во светот.

Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен, кој е во Њујорк на седницата на Генералното собрание на ОН, ќе контактира со сите страни, вклучително и Турција, по почетокот на азербејџанската офанзива, која Вашингтон ја смета за „особено опасна“, изјави денеска висок функционер на американскиот Стејт департмент.


Русија, која има мировни сили во областа, изрази „загриженост“ за „бруталната ескалација“ на ситуацијата во Нагорно-Карабах и изјави дека се обидува да обезбеди Ереван и Баку да се вратат на преговарачка маса, соопшти денеска Кремљ.

. -Важно е да се убедат Ереван и Баку да седнат на преговарачка маса и да се избегнат човечки загуби, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.


Ерменскиот премиер Никол Пашинјан ги осуди денеска повиците за „државен удар“ во неговата земја по почетокот на азербејџанската офанзива во Нагорно-Карабах, која е спорна меѓу Баку и Ереван.

Ерменската опозиција постојано се обидуваше во три години да го отстрани Пашинјан, обвинувајќи го дека е одговорен за ерменскиот воен пораз за време на војната со Азербејџан за Нагорно-Карабах во есента 2020 година.

сд/фото:МИА архива .

Извор: МИА