Со инструментална изведба на тапани на едно од најавтентичните македонски ора, Копачка и обичајот на традиционална свадба од кривопаланечкиот крај, беше отворен годинашниот целовечерен концерт на културно – уметничкото здружение „Карпош” од Крива Паланка, што се одржа синоќа во Националната установа Центар за култура Крива Паланка.
Пред преполната сала посетители продефилираа стотина млади играорки и играорци, како и ансамблот „ветерани”, кој ја донесе традицијата на свадбен обичај.
– Многу сум задоволен како успеавме да се претставиме пред нашата кривопаланчечка јавност со целовечерен концерт, бидејќи истиот е сублимат од повеќемесечна работа за новите кореографии како „Пирин”, песната „Ај што ми се нешто белее горе на Пирин планина”, изведбата на „Источна”, „Бувчанско” од страна на најмалиот ансамбл, почетниците, нашите изведби на „Солунка”, „Калајџиско”, како и ветераните што го донесоа на сцена свадбениот обичај со доаѓање на невестата на коњ, канење на кумот, дарување, сѐ што е сочувано од заборав, сунлимирано за да се долови пред генерациите денес, изјави претседателот на КУЗ „Карпош”, Оливер Станоевски.
На концертот беа доделени и плакети, благодарници, дипломи и признанија за најзаслужните за досегашната успешна работа на здружението, меѓу кои и за 100 концерти и јавни настапи на Игор Стојковски, Деан Цветковски за 200 настапи и концерти, како и признание за несебичниот труд во долгогодишно работење и раководење со здружението, проследен со бројни успеси на домашна и меѓународна сцена на Миле Николовски. ид/цр