17/06/2025

Европскиот парламент го објави отворањето на конкурсот за новинарски дела за наградата „Дафне Каруана Галиција“


Европскиот парламент денес го објави отворањето на конкурсот за новинарски дела за наградата „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година. Оваа награда се доделува за извонредна работа во новинарството која ги унапредува или брани основните вредности на ЕУ, како што се човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права.


Победникот на конкурсот го избира жири составено од претставници на медиумите и граѓанското општество. Наградата, исто така, вклучува и парична компензација во висина од 20,000 евра.


Церемонијата на доделување на признанието, вообичаено, се одвива околу 16-ти октомври, на годишнината од убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција.

По повод објавувањето на конкурсот, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изјави дека слободните медиуми се најсилната заштита за демократијата. „Новинарите мора да бидат слободни да известуваат за фактите, без страв од цензура, заплашување или одмазда.“


Европскиот парламент решително ќе ја штити и ќе се залага за слободата на новинарите и медиумите, потенцираше Мецола.

Право на учество на конкурсот имаат професионални новинари и новинарски тимови кои ќе достават истражувачки новински извештаи објавени или емитувани во медиуми со седиште во една од 27-те земји членки на Европската Унија.


Како што се наведува во конкурсот, наградата за новинарство „Дафне Каруана Галиција“ им оддава почит на оние „кои фрлаат светлина врз најтемните агли“, бидејќи кажувањето на вистината не треба да има цена. „Наградата ја отелотворува непоколебливата посветеност на Европскиот парламент кон вистината и слободата на говорот и му припаѓа на секој новинар кој се бори за фактите, без разлика дали на некои им се допаѓаат или не. Слободата на медиумите и дава енергија на нашата демократија“, соопшти ЕП.

Европскиот парламент, исто така, укажува дека во последните години континуирано предупредува на обидите за поткопување на медиумскиот плурализам во ЕУ и во светот, осудувајќи ги обидите за ограничување на слободата на медиумите и сите видови напади врз новинари, без оглед на тоа кој ги извршува. „Напорите на европратениците резултираа со Европскиот закон за слобода на медиумите донесен во март 2024 година, кој ја штити слободата на медиумите и ја гарантира безбедноста и независноста на новинарите. Покрај тоа, пратениците со години бараат воведување правила за заштита на новинарите и граѓанското општество од злонамерните тужби насочени кон замолчување на критичарите“, додава ЕП во соопштението.


Досегашни добитници на наградата „Дафне Каруана Галиција“ се „Проект Пегаз“ од Конзорциумот „Забранети приказни“, документарниот филм „Централноафриканската Република под руско влијание“ на Клемент Ди Рома и Керол Валаде, заедничката истражувачка сторија за потонувањето на брод со мигранти во близина на островот Пилос и сторијата „Изгубени во Европа“ посветена на исчезнатите малолетни мигранти без придружба.

Дафне Каруана Галиција беше малтешка новинарка, блогерка и граѓанска активистка, која детално известуваше за корупцијата, перењето пари, организираниот криминал, доделувањето државјанства за пари, како и за вмешаноста на малтешката Влада во скандалот „Панамски документи“.

По бројните малтретирања и закани, Каруана Галиција беше убиена во експлозија на автомобил бомба на 16 октомври 2017 година. Јавното незадоволство од начинот на кој властите ја водеа истрагата за нејзиното убиство доведе до оставка на малтешкиот премиер Џозеф Мускат. сп/ Фото: МИА Архива . Извор: МИА