18/04/2025

ЕВЕНТУАЛНАТА ДИСЛОКАЦИЈА НА ОБЈЕКТИТЕ ЌЕ ПРЕДИЗВИКА ХАОС СО ИГРИТЕ НА СРЕЌА


По повод иницијативата на „Антикоцкање“ за одржување референдум за отстранување на објектите за игри на среќа од населените места, во интервју за Тетово Инфо зборува Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС кои во Северна Македонија ги застапуваат Групациите Новоматик Македонија и Апекс Македонија (Адмирал, Астра, Казино Фламинго и Апекс)


Стоименов: „После четири години откако Владата на Еди Рама ги забрани игрите на среќа на територијата на Албанија, се попишмани, со образложение дека додека траела забраната се играло на црно. Оваа одлука на Албанската Влада сериозно ги ослабува аргументите на противниците на игрите на среќа во Северна Македонија“


Како ги оценувате критиките дека заради големиот број на обложувалници и автомат клубови Северна Македонија наликува на Лас Вегас?

Има еден парадокс во оваа целосно неприфатлива споредба. Кога наши туристи го посетуваат Лас Вегас објавуваат насмеани фотографии од автомат клубови и казина, очигледно за нив кога си таму е „ин“ да имаш контакт со игри на среќа, а кога си дома Лас Вегас се користи исклучиво во негативен контекст. Значи, игрите на среќа кај нас се организираат врз основа на еден од најстрогите закони во регионот. Тоа не е нелегален бизнис. Напротив. За да се отвори автомат клуб или казино има исклучително строга процедура и кумулативни услови кои мора да се исполнат за да се добие лиценца за работа. Државата не дозволува ни минимум импровизација. Впрочем, секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП. Што се однесува до навиките на граѓаните, ние како Асоцијација направивме истражување и дојдовме до податок дека во Северна Македонија само 3% од полнолетната популација посетува автомат клубови и казина. Се работи за луѓе кои претходно веќе играле во западните земји и тука си ја пробуваат среќата. Со други зборови, во автомат клубови и казина влегуваат луѓе со искуство со игрите на среќа, а оние што влегуваат од љубопитност многу ретко се враќаат повторно.


Сепак, мнозинството граѓани сметаат дека светлечките реклами и излози се магнет за младите, а неретко има обвинувања дека и малолетници се жртви на зависност од игри на среќа?

Во објектите каде се организираат игри на среќа е најстрого забрането да влегуваат малолетни лица. Важно е да напоменам дека не постои полициски записник каде е забележано присуство на малолетници во автомат клубовите и казината на Групацијата Новоматик Македонија и Апекс Македонија. Дополнително, како општествено одговорни компании, Казино Фламинго, Адмирал, Астра и Апекс имаат постојана кампања под слоганот „100% законски – СТОП, забрането за малолетни лица“. Се работи за претставници на реномирани светски компании од индустријата игри на среќа и затоа воопшто не е во нивен интерес на било каков начин да избегнуват доследно исполнување на законските одредби. Евентуално нарушување на јавниот имиџ едноставно е недозволиво и е надвор од најстрогите корпоративни правила на овие светски гиганти во индустријата. Во објектите има дежурен психолог кој стои на располагање за секој играч кој евентуално ќе почуствува зависност од игрите на среќа. Тој веднаш може да го контактира за стручна помош. Во автомат клубовите и казината одамна се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ. Како една од најстрого регулираните професии во земјата, се уживаат сите права од работниот однос, се плаќаат и прекувремени часови и работа на празници. Ние, како Асоцијација ја разбираме загриженоста на јавноста за ефектот на игрите на среќа врз младите. Но, тврдењето дека излозите и светлечките реклами се магнет за нив би било одржлива критика само ако истото важи и за излозите на тобаката, кафулињата, рестораните каде младите под истата логика се под закана од евентуално создавање зависност од цигари и алкохол. Во спротивно, зборуваме за двојни аршини и тенденциозни обвинувања.


Зошто се неприфатливи иницијативите за дислоцирање на објектите каде се организираат игри на среќа надвор од населените места?

Сметаме дека јавноста се доведува во заблуда. Дислокацијата е фасада за вистинските намери. Ова решение е неизводливо на терен, затоа ќе предизвика затворање на 100% легален бизнис и отворање диви играчници врз кои државата ќе нема никаква контрола. Тоа е вовед во хаос со игрите на среќа. Предлагачите на вакви радикални решенија треба да се свесни за последиците. Игрите на среќа постојат откога постои цивилизацијата. Во природата на човекот е да си ја искушува среќата, и тоа ќе го прави на еден или на друг начин. Државниот буџет од игри на среќа годишно приходува 280 милиони евра. Речиси 10 илјади луѓе се вработени во оваа економска гранка, за 23 илјади наши граѓани се обезбедува егзистенција. Индиректно, игрите на среќа помагаат 54 илјади работни места. Погледнете го примерот со Албанија.  После четири години откако Владата на Еди Рама ги забрани игрите на среќа на територијата на Албанија, сега се попишмани. Образложението на Албанскиот премиер е дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе и помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза. Оваа одлука на Албанската Влада сериозно ги ослабува аргументите на противниците на игрите на среќа во Северна Македонија. Зарем некој сака да ја врати државата во 90-те години на минатиот век, кога игрите на среќа се одвиваа во подруми? Доволно е да потсетиме на аферата „Детонатор“, кога во 2011 година на истокот беа запленети 1500 нелегално поставени покер апарати. Клучното прашање за опонентите е дали младите се повеќе заштитени кога надлежните државни институции имаат целосна контрола на игрите на среќа или кога истите ќе се одвиваат на црно?


 

„Антикоцкање“ од Тетово се најгласен критичар на игрите на среќа. Нивната последна иницијатива е организирање референдум за отстранување на објектите за игри на среќа од населените места, ваш коментар?

 

Жалам, но морам да оценам дека претставниците на „Антикоцкање“ воопшто не личат на граѓански активисти кои навистина веруваат во своите заложби. Нивниот кредибилитет е сомнителен. Се појавуваат периодично и оставаат впечаток дека е можно да се контролирани од некои центри на моќ. Секоја нивна иницијатива е деструктивна и има за цел да предизвика штети по државниот Буџет. Во услови на финансиска неизвесност и економска криза од цените на струјата и енергенсите низ цела Европа, додека многу домашни компании се борат за гол опстанок, ова наводно движење тера кампања за затворање на една цела економска гранка. Во голиот популизам кој го пласира вршат притисок врз партиите и за жал, некои радикални претставници на „Антикоцкање“, во обвинувањата што ги пласираат внесуваат дури и етничка и верска боја, што за 21 век е недозволиво. Убедени сме дека последната иницијатива за локален референдум е само маска за нивните вистински намери. Затоа, претставниците кои говорат во името на „Антикоцкање“ треба еднаш да соопштат чии интереси штитат и што е нивната крајна цел? Дали одработуваат за нечиј план и сценарио за нелегална заработка од игри на среќа кои би се организирале на црно, без никаков приход за државата? Ова се одговори кои се должни да и ги дадат на јавноста, бидејќи ако евентуално се прифатат нивните предлози, последиците ќе бидат далекусежни и тешко поправливи.

 

Зошто сте против ново законско решение?

 

Воопшто не е точно дека сме против ново законско решение. Ние сме против политичко мотивирано и избрзано решение, кое не само што нема да ги задоволи дежурните критичари на игрите на среќа, туку ќе креира хаос во оваа економска гранка. Оваа непосакувана состојба на крајот пак ќе се удри од грбот на даночните обврзници. Како Асоцијација сме под перманентен притисок од вработените кои сакаат на протести да си го заштитат своето уставно загарантирано право на работа. Никому не му сеедно кога слуша критики дека игрите на среќа се директна закана за младите. Во оваа економска гранка работат и родители на малолетни деца, кои тешко ги доживуваат овие сериозни и неосновани обвинувања. Најдобра потврда дека ниту еден чинител во оваа дејност не бега од дополнителна регулација е фактот дека правните тимови кои ние ги формиравме уште во 2020 година до Собранието на Република Северна Македонија доставија предлози – амандмани за подобрување на предложениот законски текст за измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, кој до скоро беше во процедура. За жал, освен протоколарни средби со високи Владини претставници, досега немаше вистинска волја да се влезе во суштинска расправа за придобивките од имплементацијата на нашите предлози. Како АПИС во текот на ноември повторно се обративме до Владата и Министерството за финансии со Барање да не вклучат во изработка на законските измени, да дадеме придонес согласно нашето професионално искуство. Свесни сме дека Владата, Собранието, политичките партии, па дури и закуподавачите на објектите и играчите се под постојан притисок на негативна кампања која се води против сите видови игри на среќа. Но, се надеваме дека конечно нашите предлози ќе го добијат неопходното внимание. На крајот на краиштата тоа е во интерес на државата.