17/06/2025

ЕУ ќе предложи Г7 да воведе построги санкции за извоз на руска нафта по море


Европската унија планира да им достави предлог до министрите за финансии од групата на седум најразвиени држави (Г7), кои ќе одржат состанок оваа седмица, за зајакнување на мерките со кои се спречува поморскиот извоз на руска нафта чија цена надминува 60 долари по барел.


Оваа информација денеска во Брисел ја објави европскиот комесар за трговија, Валдис Домбровскис, чиј ресор ги вклучува “економија и продуктивност, спроведување и поедноставување”.


На прашање од новинарите, Домбровскис потврдно одговори дали ќе предложи намалување на ценовната граница под 60 долари за барел руска нафта која може да се извезува со брод.

Еврокомесарот не ја посочи прецизно највисоката граница на цената што ја очекува за барел руска нафта, но службеници од ЕУ наведоа дека Унијата ќе предложи горната граница на цената да се редуцира на 50 долари.


Ограничувањето на поморскиот извоз на руска нафта, чија вредност е над 60 долари за барел, беше воспоставено со цел да се редуцираат приходите на Москва од нафта поради нејзината воена интервенција во Украина.

Поради намалувањето на цените на нафтата на светските пазари, тоа ниво на ценовната граница повеќе не е доволно за да претставува значајна санкција, сметаат политичките аналитичари.