17/06/2025

Ердоган: Можно укинување на санкциите од САД кон Турција


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денес дека американските санкции против турскиот одбранбен сектор се намалуваат за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп и веројатно ќе бидат укинати.


“Можеме лесно да кажеме дека доаѓа до олеснување на санкциите,” рекол Ердоган пред новинарите во авионот со кој се враќаше од европскиот самит во Албанија, пренесе Бета.


Ердоган исто така напомена дека се одвива “поконструктивен” дијалог со администрацијата на Трамп, оценувајќи дека Турција “многу побрзо ќе го надмине” тој процес на санкции.

Американските власти во 2020 година воведоа рестрикции кон Турција, членка на НАТО, бидејќи Анкара купи руски систем за противвоздушна одбрана С-400. Одлуката, која ги наруши односите меѓу двете држави, беше донесена во согласност со законот што го усвои Конгресот во 2017 година за да се “спротивстави на американските противници преку санкции” и да го ограничи влијанието на Русија во одбранбениот сектор.


Вашингтон, исто така, ја исклучи Анкара од програмата за борбени авиони Ф-35, сметајќи дека присуството на системот С-400 ќе ѝ овозможи на Русија да собира информации за перформансите на тие летала.

Ердоган рече дека Турција го покренала прашањето за санкциите со Доналд Трамп и неговиот нов пратеник во Анкара, Том Барак. “Со мојот пријател Трамп на чело на земјата, воспоставивме поотворена, поконструктивна и поискрена комуникација за тие прашања,” рече Ердоган, додавајќи дека Турција го цени “секој позитивен чекор во таа насока.”


Турскиот претседател изрази верување дека неговата земја “побрзо ќе ги надмине санкциите.” “Како два главни сојузници во НАТО (САД и Турција), не треба да има никакви ограничувања или пречки во одбранбениот сектор меѓу нас,” додаде Ердоган. Според него, партнерството на Турција со САД е од “животно значење за воспоставување стабилност во нашиот регион и во светот.”

Ердоган во март разговараше со Трамп за потребата од финализирање на договорот што ќе ѝ овозможи на Турција да купи американски борбени авиони Ф-16 и повторно да биде примена во програмата за развој на авионите Ф-35.


Турција сака да ја обнови својата воздушна флота и, исто така, сака да купи 40 авиони “Јурофајтер тајфун”, кои ги произведува компанија – конзорциум во кој учествуваат Германија, Велика Британија, Шпанија и Италија.