10/07/2025

„Ел Ал ерлајнс“ ги откажа летовите до 23 јуни


Израелската авиокомпанија “Ел Ал Ерлајнс” објави дека ги прекинува авионските линии кон повеќе европски држави до 23 јуни, поради моменталниот судир со Иран, пренесе “Тајмс оф Израел”.


Меѓу погодените градови се: Берлин, Тбилиси, Барселона, Батуми, Варшава, Родос, Минхен, Тиват, Лисабон, Токио, Краков, Венеција, Солун, Марсеј, Крит, Кефалонија, Санторини, Кишињев, Белград, Тирана, Порто, Миконос, Лефкада и Москва.


“Ел Ал” изјави дека оваа рестрикција ќе биде на сила сѐ додека не се разјасни безбедносната состојба. Во исто време, компанијата работи на тоа да им помогне на патниците кои останале блокирани во други држави да се вратат во својата татковина.

“Ги разбираме тешкотиите, неизвесноста и стресот што го доживуваат клиентите на „Ел Ал“ во странство кои сакаат да се вратат во Израел, како и клиентите чии планови се нарушени. Откако ќе добиеме одобрение од надлежните безбедносни и воздухопловни власти, ќе направиме сè што е во наша моќ за да обезбедиме што е можно повеќе Израелци да можат да се вратат дома. Постепено ќе го продолжиме нашиот редовен распоред на летови и со летови од дестинации блиску до Израел”, се наведува во соопштението од авиокомпанијата.


Дотогаш, Советот за национална безбедност на Израел издаде предупредување да не се патува во Израел преку Египет и Јордан, иако границите се отворени.

“Препорачуваме Израелците кои моментално се во странство и очекуваат да се вратат во земјата да чекаат ажурирани информации од Министерството за транспорт”, се вели во известувањето за медиумите од Советот за национална безбедност.


По заострувањето на тензиите помеѓу Израел и Иран, воздушниот простор на двете држави е затворен за цивилен воздушен сообраќај, сите летови се стопирани, а израелските авиокомпании од петокот започнаа да ги дислоцираат своите авиони надвор од земјата.

са/Фото: ЕПА