Економијата на ЕУ ја започна 2025 година на поцврста основа од очекувањата, но стапката на прогрес годинава се проценува дека ќе продолжи да регистрира скромен пораст. И покрај зголемената несигурност во глобалната политика и трговските тензии, се очекува таа да се интензивира во 2026 година, се наведува во пролетната Прогноза на Европската комисија објавена денес.
Презентирајќи ја Економската прогноза „Пролет 2025“, еврокомесарот за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување Валдис Домбровскис изјави дека податоците укажуваат оти економијата на ЕУ демонстрира издржливост и во услови на зголемени трговски тензии и пораст на глобалната неизвесност.
„Поткрепена од робусниот пазар на трудот и зголемувањето на платите, се очекува економскиот раст да продолжи во 2025 година, иако со умерено темпо“, рече Домбровскис.
Инфлацијата опаѓа побрзо од претходните предвидувања и е на добар пат да ја постигне целта од два проценти уште во текот на оваа година, рече Домбровскис. Сепак, според него, и покрај ваквите показатели нема простор за опуштање, бидејќи и во иднина постојат ризици, кои би можеле да ја повлечат економијата надолу.
„Затоа ЕУ мора да преземе решителни мерки за да ја зголеми својата конкурентност“, потенцира Домбровскис.
Како што извести дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија во Прогнозата предвидува реалниот БДП на ЕУ во 2025 година да се зголеми за 1,1 отсто, а на Еврозоната за 0,9 проценти, што во голема мера е идентично темпо на раст какво што имаше и минатата година. За 2026 година, пак, се очекува растот да се зголеми за 1,5 отсто на ниво на ЕУ и за 1,4 проценти во Еврозоната.
Кога станува збор за инфлацијата, се предвидува од просекот од 2,6 отсто на ниво на ЕУ лани, годинава таа да се намали на 2,3 проценти, по што во 2026 година нејзината стапка би се сведела на 1,9 проценти. Слична динамика на редукција се очекува и во Еврозоната со тоа што минатогодишната инфлациска стапка од 2,4 отсто би се намалила на просечни 2,1 за оваа и на 1,7 проценти за следната година.