ЕК предлага продолжување на привремената заштита за украинските бегалци (ДПЛ)


Европската комисија денеска предложи дополнително продолжување на привремената заштита во ЕУ за луѓето кои бегаат од руската агресија врз Украина до 3 март 2025 година.


Со предлогот се предвидува украинските бегалци да продолжат да го користат правото на работа, здравствена заштита и образование, соопшти Европската комисија.


Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, ЕУ ја активира Директивата за привремена заштита на 4 март 2022 година со едногласна одлука на земјите членки за период од една година, по што таа потоа автоматски беше продолжена за уште една година до 4 март 2024 година, за сега да се предлага ново продолжување едногодишно продолжување.

– Ова ќе обезбеди сигурност и поддршка за повеќе од 4 милиони лица кои уживаат заштита низ ЕУ, се додава во соопштението на ЕК.


Комисијата смета дека причините за воведувањето на привремена заштита и натаму постојат и дека таа треба да продолжи како неопходен и соодветен одговор на сегашната нестабилна ситуација, која се уште не е погодна за безбедно и трајно враќање на оние Украинаци кои сезгрижени во ЕУ.

– Од активирањето на привремената заштита, само една недела по руската брутална агресивна војна против Украина, земјите членки покажаа невидена солидарност со украинскиот народ, не само со прифаќање во нивните земји, туку и со вложување конкретни напори за олеснување на нивното вклучување во општеството, додава Еврокомисијата.


За да стане важечки предлог на Комисијата сега треба да биде усвоен од Советот на ЕУ.

Директивата за привремена заштита обезбедува непосредна заштита и пристап до правата во ЕУ, вклучително и правата на престој, пристап до пазарот на трудот, домување, социјална заштита и медицинска и друга помош.


Со не е спречен зголемен притисок врз националните системи за азил и им овозможува на земјите членки да управуваат со пристигнувањето на бегалците на уреден и ефективен начин.

Европската комисија на почетокот на војната ја формира платформата за солидарност „Украина“, која ги обединува институциите на ЕУ, членки на Унијата, земјите од Шенген заната, европските агенции, меѓународните организации и украинските и молдавските власти и претставува неформален и флексибилен форум за дискусија за оперативни прашања за координирање на поддршката на терен во Украина.

сп/Фото: МИА Архива   .

Извор: МИА