17/06/2025

Државен натпревар по класични јазици и годишно собрание на Здружението Антика


Денес, на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе се реализира Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од целата земја.


Учениците ќе се натпреваруваат во три категории, во зависност од јазикот, нивото на познавање и струката: почетно ниво латински јазик за гимназија и за здравствена струка, како и почетно ниво старогрчки јазик за гимназија.


Организатори на настанот се Здружението на класични филолози „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Финансиската поддршка за натпреварите е обезбедена од Филозофскиот факултет.

Во организацијата активно се вклучени професорите и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите, Здружението „Антика“ вообичаено го одржува своето Годишно собрание.


Здружението постои од мај 2001 година и претставува асоцијација на професионалци и студенти кои се посветени на истражување, подобрување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, превод на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Северна Македонија и промоција на класичната филологија.

Од 2004 година, здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји, а од 2014 и на Меѓународната федерација на здруженија за класични студии (FIEC).


Здружението го издава електронското списание Systasis (www.systasis.org).