11/03/2026

Договорен пораст од 10 проценти на буџетот за климатското тело на ОН за 2026/27


Речиси 200 држави од светот вчера постигнаа спогодба за зголемување на финансирањето на телото за клима на ОН за наредните две години за 10 проценти.


Согласноста на државите од Јапонија и Саудиска Арабија до Фиџи на разговорите на ОН за климата во Бон доаѓа и покрај големите кратења на другите агенции на ОН, делумно заради намалувањето на придонесите од страна на САД и политичкиот отпор кон амбициозните климатски политики во европските земји.


Државите постигнаа договор за основниот фонд од 81,5 милиони евра за Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) за периодот 2026-2027 година, што е за 10 проценти повеќе отколку во 2024-2025 година.

Основниот фонд се финансира од државни придонеси. Спогодбата вклучува зголемување на придонесот на Кина, што го одразува економскиот раст на државата. Кина, втората најголема економија во светот, ќе покрие 20 проценти од новиот фонд, во споредба со 15 проценти од фондот за претходниот период. Само САД, најголемата економија во светот, доби поголем дел, во износ од 22 проценти.


Меѓутоа, претседателот Доналд Трамп се повлече од Парискиот договор за климата и го суспендираше меѓународното финансирање за борба против климатските промени. „Блумберг филантропис“ вети дека ќе го покрие придонесот на САД во буџетот на UNFCCC. САД не учествуваа во овие преговори во Бон.

Извршниот секретар на UNFCCC, Сајмон Стиел, го поздрави зголемувањето на финансирањето како „јасен знак дека владите продолжуваат да ја сметаат соработката во борбата против климатските промени под покровителство на ОН за клучна, дури и во тешки времиња“.


UNFCCC спроведува годишни преговори за климата помеѓу државите и помага во спроведувањето на договорите, вклучително и Парискиот договор од 2015 година, кој ги обврза речиси сите држави во светот да го ограничат глобалното затоплување.

сд/фото:МИА архива


Извор: МИА