23/05/2025

Доделени наградите на МАИ за 2025 година


Комисијата за доделување на признанијата на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 29.04.2025 г. ги донесе следните:


Одлуки за доделување на признанијата на МАИ меѓу двата саема во април 2024 и мај 2025 година


 ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈДОБРА ЕДИЦИЈА

Основен критериум е уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн. Учествуваат и новоформирани едиции и едиции кои биле квалитетно надградени во текот на изминатата година.


  1. место: Едиција „Перископ“ („Бегемот“)
  2. место: Едиција „Арго“ („Или-или“)
  3. место: Едиција „Горан Стефановски“ („Полица“) 
  1. ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈДОБАР ДИЗАЈН НА КОРИЦА

Награда за оригинален дизајн на корица.

  1. место: „Тони“ од Румена Бужаровска, дизајнирана од Небојша Гелевски („Три“)
  2. место: „Книга за Петре“, прир. Од Оливера Ќорвезироска, со портрети од Сергеј Андреевски („Арс ламина“)
  3. место: „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, со детаљ од слика на Славко Јаневски и доработка од Марко Трпески („Арс ламина“)
  1. ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈДОБРО ЛИКОВНО-ГРАФИЧКИ УРЕДЕНО ИЗДАНИЕ

Награда за највпечатлив целосен дизајн (корица + внатрешност) на издание за возрасни.


  1. место: „Маскарада“ од Витолд Гомбрович; ликовно-графичко уредување на Наталија Лукомска („Бегемот“)
  2. место: „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски; графичко уредување на „Арс ламина“
  3. место: „Космогонија“ со ликовни илустрации на Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ на песна од Влада Урошевиќ („Гаврош“) 
  1. ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈДОБРА КНИГА ЗА ДЕЦА

Оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници).

  1. место: „Најмалиот џин Џуџо и најголемото џуџе Џино“ од Николина Андова Шопова, со илустрации на Наталија Лукомска („Бегемот“)
  2. место: Најмалиот остров на светот“ од Билјана Црвенковска, со илустрации на Хана Тинтор („Чудна шума“)
  3. место: „Нови бајки од Македонија“ од група автори, со илустрации на Орце Нинески („Арс ламина“) 
  1. ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈКРЕАТИВНО ИЗДАНИЕ

Во оваа категорија влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност. Притоа, се оценува иновативниот пристап и уникатноста на изданието во рамки на нашето издаваштво.


  1. место: „Се викам Храброст“ („Арс ламина“)
  2. место: „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, со илустрации на Јордан Гавриловски („Арс ламина“)
  3. место: „Приказни од Ѕунливото море“ од Билјана Црвенковска, со илустрации на Наталија Лукомска („Чудна шума“) 
  1. ПРИЗНАНИЕ ЗА АВТОР НА ГОДИНАТА

Критериуми кои се земаат предвид при доделувањето на наградата и за кои е потребно образложение од страна на издавачите во апликациите:

  • популарноста и влијателноста на авторот во културно-општествената средина и неговиот придонес во афирмација на книжевноста во и надвор од државата;
  • број на странски преводи на дело/дела од авторот во периодот меѓу двата саема;
  • успесите од продажбата (број на продадени примероци)..

Автор на годината: Билјана Црвенковска („Чудна шума“) 

  1. ПРИЗНАНИЕ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ

Комисијата избира проект или листа на проекти за корпоративна општествена одговорност приложени од страна на издавачите, заедно со постигнатите резултати.

  1. место: Проектот „Секој збор заслужува да биде прочитан!“ („Антолог“)
  2. место: „Соба на бајките“ – донација на библиотека во Детската клиника – Скопје („Арс ламина“)
  3. место: Донации од областа на литературата и образованието („Издавачки центар Три“) 
  1. СПЕЦИЈАЛНО ПРИЗНАНИЕ ЗА ПРОМОТОР НА ЧИТАЧКАТА КУЛТУРА 

Комисијата избира поединец (новинар, критичар, блогер, инфлуенсер на социјални мрежи) или организација (издавач, библиотека или друга организација), кои во периодот помеѓу двата саеми се истакнале со својот труд во промоцијата на читачката култура. Поединци и организации можеа да предложат и издавачите и членовите на комисијата. Во категоријата не можеа да се натпреваруваат проекти на издавачките куќи.

Награден: Александар Маџаровски – Читачот

Комисија:

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска

Тони Димков, новинар

Проф. д-р Гордана Вренцоска