11/03/2026

Димовски: Македонија влегува во нов циклус на странски инвестиции кои ќе донесат значаен економски импулс


Македонија влегува во нов циклус на странски инвестиции кои ќе донесат значаен економски импулс, најави Димовски, посочувајќи дека во наредниот период се очекуваат над 150 милиони евра странски директни инвестиции и отворање на околу 1.500 нови работни места.


Според најавите, инвестицискиот бран ќе биде насочен кон неколку сектори, меѓу кои индустриско производство, автомобилска индустрија, логистика и напредни технологии. Дел од инвестициите ќе се реализираат во технолошко-индустриските развојни зони, но и надвор од нив, со што ќе се овозможи рамномерен регионален развој.


Димовски истакна дека новите странски компании ќе донесат современи технологии, зголемен извоз и подобри услови за вработување, а државата ќе продолжи со поддршка на инвеститорите преку стабилна деловна клима, поволни услови и ефикасна администрација.

„Ова не се само бројки, туку реални проекти кои ќе значат сигурни работни места и долгорочен економски раст. Нашата цел е да создадеме економија која ќе нуди можности за младите и ќе ја задржи работната сила во државата“, нагласи Димовски.


Тој додаде дека дел од инвестициите се веќе во напредна фаза, а првите нови вработувања се очекуваат уште во текот на оваа година. Надлежните институции, како што беше посочено, ќе продолжат активно да работат на привлекување нови инвеститори и проширување на постојните капацитети.

Со овој инвестициски бран, Македонија ја зацврстува својата позиција како атрактивна дестинација за странски вложувања во регионот, со фокус на одржлив економски развој и зголемување на животниот стандард.