13/05/2025

Димитриеска-Кочоска: Целосна владина поддршка за сите кои сакаат да работат во Македонија


Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во работна посета на САД, одржа состанок со претставници на македонската деловна заедница во Чикаго.


На средбата, Димитриеска-Кочоска на својот профил на Фејсбук изјави дека економијата е врвен приоритет на Владата и дека поддршката е комплетна за сите кои сакаат да работат во Македонија, како за домашните, така и за странските инвестиции, како и за иселениците кои имаат желба да инвестираат во својата земја.


“Успешни бизнис приказни на наши иселеници во Чикаго.”

“На средба со дел од Македонците кои основале и имаат сопствен бизнис во Чикаго ги слушнав нивните искуства за водење бизнис во таа средина, а некои имаа интерес за условите коишто ги создаваме тука во Македонија за водење бизнис.”


“Економијата е наш приоритет за кој говорев на средбите и дека поддршката од Владата е целосна за секој еден што сака да работи во Македонија.”

“Како поддршката кон домашните компании, така кон странските инвеститори, така и кон нашите иселеници кои сакаат да инвестираат во својата татковина,” стои во објавата на министерката на нејзиниот Фејсбук профил.


дма/ев/Фото: Фејсбук на Гордана Димитриеска-Кочоска.