Владата на Велика Британија го поздравува новото стратешко партнерство со Северна Македонија, кое, според соопштението на веб-страницата на Даунинг стрит 10, дополнително ги утврдува односите помеѓу двете држави.
Во објавата е пренесена изјавата на премиерот Кир Стармер од средбата со претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во Тирана, дека партнерството ќе го потенцира зајакнувањето на пријателството меѓу двете земји и ќе ја сигнализира намерата за поинтензивна соработка во однос на заедничките предизвици, вклучувајќи го економскиот развој, трговијата, одбраната и безбедноста.
“Лидерите, исто така, разговараа за неодамнешниот договор за приклучување на Северна Македонија кон Заедничката работна група за миграција, со што дополнително се зајакнува регионалната соработка за спречување на илегалните мигранти кои транзитираат низ Балканот и разбивање на криминалните банди што им помагаат.”
Во пресрет на Самитот на Западен Балкан во октомври, лидерите го поздравија зајакнувањето на пријателските односи меѓу Обединетото Кралство и регионот.
Во соопштението од британската Влада се наведува дека лидерите очекуваат наскоро повторно да разговараат.
Спогодбата за стратешко партнерство ја поздрави и британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон.
“По клучната средба меѓу премиерот Кир Стармер и премиерот Христијан Мицкоски на денешниот самит на Европската политичка заедница во Тирана, со гордост ја споделувам објавата за новото 🇬🇧🇲🇰 стратешко партнерство – значајна надградба што ги зајакнува нашите безбедносни партнерства како сојузници во НАТО и ги продлабочува трговските и инвестициските врски со нов договор „влада-2-влада“, што ќе се потпише во Лондон следната недела”, напиша Лосон на Фејсбук профилот на Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.
са/Фото: пинтсксрин