Членот 368 од Законот за облигациони односи е дискриминирачки и штетен и за државата и за граѓаните – Уставниот суд на потег!


По неколку неуспешни гласања, судијата Дарко Костадиновски е нов претседател на Уставниот суд. Сега останува Уставниот суд да се фокусира на клучни прашања од јавен интерес. Имено веќе подолго време во јавноста се дискутира за штетноста на измените на Законот за облигациони односи. Членот 368 од Законот за облигациони односи е дискриминирачки и спротивен на Уставот. Отписот на долговите постари од 10 години, што се предвидува во овој член, претставува рушење на правниот поредок и создава услови за финансиска недисциплина. Во услови кога државата прави напори за зголемување на наплатата на даноци и привлекување на странски инвестиции кои бараат правна сигурност, ваквиот закон создава низа проблеми. Исто така, државата по основ на отпис на долгови ќе изгуби огромни средства, со што дополнително ќе го оштети државниот буџет и ќе предизвика стагнација на развојот. Иако нема точни проценки за висината на средствата од кои државата ќе се откаже по овој основ, првичните проценки се дека се работи за над една милијарда евра. Освен тоа, овој член на Законот за облигациони односи отвора низа дилеми околу наплата на данокот на додадена вредност, данокот на добивка и други даноци, со што ќе се намали приливот на пари по овој основ во државната каса.


Адвокатската комора на Македонија, Стопанската комора на Македонија, експерти од областа веќе реагираа за штедите што ќе ги предизвика законот во пракса на долг рок. Дел од фирмите, кои покрај тоа што се мачеле повеќе од 10 години да го наплатат долгот, сега треба да го отпишат и се соочуваат со закана од затворање. Некои од нив работат на пазарот повеќе од три децении.


До Уставниот суд веќе се доставени иницијативи за преиспитување на овој член од Законот за облигациони односи, кој според експертите е спротивен на Уставот. Во поднесената иницијатива, од лицето Доне Лазаревски, сопственик на фирма, е образложено дека наведените законски измени негативно влијаат на понатамошното работење на фирмите, со оглед дека стоките уредно се испорачувани, а не можат да се наплатат како резултат на застарувањето на долгот.

„Овие измени нè доведуваат во положба дека е подобар избор да не се работи и да не се вложува во стопанството, отколку да се соочиме со загуба на сопственоста поради законска заштита на должниците да не го подмируваат долгот“, се вели во иницијативата. Понатаму се вели: „Со донесување на законските измени за застареноста јас како сопственик на микропретпријатие повеќе од триесет години, кое уредно плаќа даноци, придонеси и други потребни давачки кон државата, сум принуден да престанам со работа, поради непостоењето на правната заштита на сопственоста и непостоење на правна сигурност“. Посебно се нагласува ништовноста на склучените договори поради корелација на чл. 368 од ЗОО со чл. 218 од ЗИ.


Ова е трета иницијатива која се однесува на овие законски измени на Законот за облигациони односи што е поднесена до Уставниот суд. Претходно беа поднесени две иницијативи, едната од  адвокатот Љупчо Кузмановски и втората од Предраг Баришиќ.