Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со директорот на Генералниот директорат за Проширување и Источно соседство (DG ENEST) при Европската комисија, Герт Јан Копман, во Брисел, информираа од нејзиниот кабинет.
За време на средбата, министерката Божиновска го информираше директорот Копман за досегашните активности на Министерството, со посебен осврт на реализираните реформи, актуелните инвестиции во обновливи извори на енергија и плановите за правична енергетска транзиција.
„Македонија има јасна визија за модерно, конкурентно и климатски одржливо енергетско портфолио. Работиме паралелно на имплементација на новиот Закон за енергетика, привлекување на инвестиции и искористување на европските инструменти за финансирање“, подвлече министерката Божиновска.
Копман изрази пофалби за досегашните постигнувања и ја охрабри Македонија да продолжи со реформите и уште похрабро да аплицира за достапните инструменти на Европската унија.
Во текот на дискусијата беа разгледани и идни можности за интензивна соработка преку вложувања во енергетска инфраструктура, афирмација на зелената агенда и зајакнување на институционалните капацитети во енергетскиот домен.
Средбата се одвиваше во продуктивна атмосфера и претставува потврда на стратешката посветеност на Македонија кон европската интеграција преку опипливи резултати и реформски процеси во енергетиката, се вели во известувањето од кабинетот на министерката Божиновска.