Веќе повеќе од 80 часа трае студентската опсада на зградите на Радио-телевизија Србија во Белград.
Од 14 април во 22 часот до сега, во опсада се објектите на јавниот радиодифузен сервис во центарот на Белград на улицата Таковска, и на Кошутњак, пренесе дописникот на МИА од Белград.
Според најавите на студентите, опсадата ќе продолжи се додека не се објави нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) или додека не запре емитувањето програма од РТС.
Пред главниот објект на РТС во срцето на Белград студентите кои ја држат опсадата и граѓани со свирчиња и вувузели искажуваа незадоволство од работењето на Јавниот сервис.
Програмската шема на РТС се емитува со потешкотии, а уредништвото веќе неколкупати апелираше на прекин на опсадата.
Студентите кои ја држат опсадата синоќа најавија дека Велигден ќе го дочекаат пред Радио и телевизија на Србија и ги повикаа граѓаните да им се приклучат во тоа. “Овој празник го дочекуваме под ведро небо пред РТС, бидејќи сметаме дека борбата за вистината не смее да престане ниту за време на празниците. За сите овие денови на блокада, станавме семејство. . .”
“И вие сте дел од тоа семејство, вие сте со нас. Нашиот Велигден е и ваш”, пишува во објавата на Студентите во блокада на нивниот Инстаграм профил.
Тие испратија писмо до Одборот за култура и информирање во кое ги известуваат дека опсадата и протестот пред РТС ќе продолжат се додека не објават јавен повик за избор на членови на Советот на РЕМ (регулаторно тело за електронски медиуми).
“Од понеделникот во 22 часот трае незаконската блокада на објектите на Радио и телевизија на Србија поради што вработените се оневозможени да влезат на своите работни места, РТС го прилагодува програмскиот распоред поради тешките услови за работа”, објавија од РТС на Х.
зш/фото МИА.
Извор: МИА