14/01/2026

Ангеловска-Бежоска на Kонференцијата на Светска банка: Зголемување на продуктивноста клучно за повисок раст


Економијата полека се опоравува од потресите, а нивото на приход достигнува приближно 42 проценти од европското.


За побрза конвергенција на приходите и за намалување на овој дефицит, од суштинско значење се структурните реформи кои ќе го зголемат потенцијалот за развој кој во текот на изминатите две децении во регионот на Западен Балкан, вклучувајќи ја и нашата економија, е речиси преполовен.


Растовиот потенцијал може да се зголеми само преку инвестирање во човечки капитал, каде што сериозен проблем е емиграцијата, преку инвестирање во физичкиот капитал кој во моментов изнесува околу 30 проценти од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста која е околу 50 проценти од европската.

Ова го нагласи гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на конференцијата организирана од Канцеларијата на Светската банка, на која беше презентирана студијата „Кон повисоки достигнувања: Патот до повисок доход во Европа и Централна Азија“.


„Во однос на физичкиот капитал, за да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал, важно е да се засилат домашните, а уште повеќе странските инвестиции, што ќе обезбеди не само нов капитал, туку и нови знаења, менаџерски вештини, напредна технологија“, истакна гувернерката.

Во тој контекст, охрабрувачки е што се засилува јавниот инфраструктурен циклус и што значително забрзуваат странските директни инвестиции, кои минатата година достигнаа едно од историски највисоките нивоа (7,1 процент од БДП) и покрај зголемените геополитички тензии и трговски пречки.


За унапредување на продуктивноста, од особена важност е да се фокусираме на иновациите и технолошкиот прогрес. Во таа насока, Народната банка континуирано презема мерки за иновации во финансискиот сектор, во согласност со своите надлежности.

„Во изминатиов период создадовме Центар за иновации којшто поддржува компании подготвени да вложуваат во иновативни финансиски активности. Беше донесена Првата национална стратегија за финтек и беше подготвена регулативната рамка за извршување на плаќањата, што ни го отвори патот кон членството во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА)“, додаде Ангеловска-Бежоска.


Таа потенцираше дека тоа ќе овозможи многубројни придобивки за нашата економија, вклучително и поиновативни бизнис модели и конкуренција во финансиската индустрија, и нагласи дека примената на дигиталните технологии има потенцијал да ја зголеми продуктивноста и да ублажи дел од структурните пречки за економскиот раст.

На конференцијата се обратија и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи, амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, и главниот економист на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски.

На панел-дискусијата на која учествуваше гувернерката Ангеловска-Бежоска, се обратија и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.

фф/аа/Фото: Народна банка .
Извор: МИА