Во мај, за прв пат годинава банкарите посегнаа по намалување на каматите за новопримените штедни влогови. Трендот на раст на каматите за новите депозити на граѓаните и на фирмите е “прекинат“, пишува Порталб.мк. Од друга страна забележливо е тримесечно “бетонирање“ на каматите за новите кредити на домаќинствата. Ваквите трендови веќе беа најавени од страна на банкарите – годинава започна со заострени услови за кредитирање.
Камати за кредити и за штедни влогови ..
За прв пат годинава, во мај во споредба со април е регистриран пад на каматите за новопромените штедни влогови. Според податоците од Народната банка, просечната камата на новопримените депозити во мај изнесувала 2,36% што е за 0,18% процентни поени пониска во однос на онаа во април. За прв пат од почетокот на годинава банкарите посегнале по намалување на каматите за новите штедни влогови и на граѓаните и на компаниите.
“Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, овој месец, изнесува 5,16% и на месечна основа е намалена за 0,41 п.п. Надолната промена произлегува од намалените каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула. Во споредба со мај минатата година, оваа каматна стапка е намалена за 0,20 п.п“ – се наведува во новиот Извештај од НБМ. Каматата на вкупните депозити и натаму е во пораст, достигнувајќи 1,86%.
Камати на штедни влогови ( мај 2024)
Вкупни депозити Новопримени депозити
Домаќинства 1,81% 2,36%
Корпоративен сектор 2,21% 2,38%
Извор : НБМ
Јазот помеѓу каматите за штедење и на кредити и натаму останува забележителен. Во мај каматата на вкупните кредити изнесувала 5,49% со пад на месечна основа од 0,02%. Новиот банкарски извештај на НБМ покажува дека каматите за кредити и натаму се со тренд на опаѓање. Во мај, и на месечно и на годишно ниво, има и пад на каматите на новоодобрените кредити.
Камати на кредити (мај 2024)
Вкупни кредити Новоодобрени кредити
Домаќинства 5,65% 5,26%
Корпоративен сектор 5,31% 5,16%
Извор : НБМ
Според информациите од банките, каматата на новоодобрените кредити и за домаќинствата и за фирмите се намалува но каматата на вкупните кредити за граѓаните стагнира ( без промени) во март, април и мај одржувајќи се на ниво од 5,65%.
Домашни банки со странски капитал “чуваат“ 71% од штедните влогови …
Во објавениот “ Извештај за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2024 година“ на НБМ се нотира дека кредитите и депозитите се концентрирани во банки со странски или со претежно странски капитал – скоро 83% од кредитната задолженост на граѓаните и на корпоративниот сектор и речиси 71% од штедните влогови се во банки со доминантно странски акционери.
Во вкупниот “кредитен колач“ најголем удел од 21,1% имаат банки /банка со Грчки сопственици, со 17,8% е Словенија а на трето место со опфат од 15,2% е банкарска групација во доминантна сопственост на Австриски акционери. На вкупниот банкарски кредитен пазар учеството на банките во сопственост на домашни акционери изнесува 17,2%.
Кредити Депозити
Банки/ странски акционери 82,8% 70,8%
-Грција 21,1% 18,0%
-Словенија 17,8% 16,9%
-Австрија 15,2% 10,8%
-Турција 14,4% 12,1%
Банки/ домашни акционери 17,2% 29,2%
Од друга страна 70,8% од вкупните депозити ( домаќинства, корпоративен сектор, вкупен нефинансиски сектор) “лежат“ во банки со доминантен странски капитал при што најголем дел од штедните влогови, исто како и кредитите, се во банки со доминантен Грчки капитал со удел од 18,0%, потоа банка во сопственост на акционери од Словенија со опфат од 16,9% и на трето место е банка во доминантна сопственост на Турски акционери со удел во депозитниот колач од 12,1% . Од вкупната депозитна база 29,2% е во банка во сопственост на домашни акционери.
Во мај годинава вредноста на вкупните кредити изнесуваше 7 459 000 000 евра. Домаќинствата само по основ на потрошувачки кредити должеле 1 981 000 000 евра. Вкупните кредити заклучно со петтиот месец од годинава изнесувале 8 825 500 евра, со годишна стапка на раст од 8,2%. Поради сеуште присутните надворешни ризици но и поради двојниот изборен процес во земјава од почетокот на годинава се забележува одредена воздржаност од нови кредитни заеми поради очекувањето кое беше насочено кон постизборната политичка разврска.