Годинава, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) повторно се приклучи кон глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светскиот ден на безбедна храна.
Преку едукативен и спортско-рекреативен настан наменет за јавноста и децата, денес во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа доделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмладите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се промовираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
Во вторник, на 10 јуни, со помош и во координација со Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), АХВ ќе реализира настан за зголемување на јавната свест за безбедноста на храната, на кој ќе присуствуваат реномирани претставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашањата за производството на храна и нејзината безбедност.
Овогодишното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес, според АХВ, потсетува на важноста на науката како клучна алка од синџирот на безбедна храна. “Тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и АХВ.”
Преку едукативниот спортско-рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и оваа година активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје, наведува Агенцијата за храна и ветеринарство.